Мицкоски од Брисел: Народот не е подготвен за нови отстапки, време е ЕУ да го испорача ветеното

пред 3 години

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски од Европската народна партија побарал поддршка за македонските интеграции во ЕУ.

По завршувањето на политичкото собрание на Европската народна партија во Брисел, Мицкоски изјави дека премногу долго Македонија е заглавена во европската чекална, а власта на Заев преземала обврски кои не ги исполнува. Тој на маргините на собранието оствари средби со претседателот Пауло Рангел којшто доаѓа од сестринската партија на ВМРО-ДПМНЕ од Португалија, Дејвид Мекалистер којшто е претседавач со Комитетот за надворешна политика на Европскиот парламент, но и со претседателот на Европската народна партија – Доналд Туск.

Мицкоски оцени дека со бугарското вето на македонскиот народ му е нанесена неправда, затоа што после толку години и успешни извештаи,  ние сме уште во чекалницата и сме жртви на непринципиелни барања од страна на поедини земји членки на Европската унија.

Тој е уверен дека македонскиот народ повеќе не е подготвен на дополнителни отстапки, а тоа е и пораката што ја испратил во Брисел.

„Сега треба Европа да си го испорача ветеното, а тоа е Македонија да почне со преговорите со Европската Унија. Не е тоа датум за Зоран Заев, датум за СДСМ, Бујар Османи и останатите, тоа е за граѓаните во нашата татковина и тие тоа го заслужуваат и тоа го заслужиле со своето однесување изминатите години“, вели Мицкоски.

Како што додаде, за разлика од политичарите на СДСМ кои кога биле во опозиција кодошеле пред меѓународната заедница, тој не дошол во Брисел за да зборува лошо за Владата. Вели дека тоа е проблем којшто ќе се решава дома на избори, а таму СДСМ ќе биде поразен. Тука, со соговорниците разговарал да помогнат на Македонија и македонскиот народ да го добијат заслуженото, а тоа е конечно почеток на преговорите за полноправно членство во Европската унија.

„Македонија и македонскиот народ имаат пријатели овде во Брисел и тие ќе застанат позади интересите на нашата татковина, нашиот народ и очекувам веќе дека на следниот Самит на ЕУ кон крајот на оваа година таму во декември да конечно се вразуми нашиот источен сосед, односно политичарите кои ќе ја креираат новата влада, нормално тогаш ќе бидат веќе завршени и претседателските избори таму во Бугарија, ќе можат да го повлечат ветото, да се однесуваат европски и да може Македонија конечно да ги почне преговорите со Европската унија“, рече Мицкоски.

Запрашан на што се должи повеќекратното одолговлекување на почетокот на преговорите, Мицкоски оцени дека имаме слаба дипломатија и преземени обврски и ветувања.

„Што се’ не зборувале тука нашите перјаници во Владата на Зоран Заев и СДСМ. Нешто тој лично, друго поранешниот министер за надворешни работи Димитров, или сегашниот Османи. Што се’ немаат изнакажано, но за жал нема никаква испорака“, рече Мицкоски додавајќи дека доколку ние бевме со силна економија, или имавме силно образование и здравствен систем конкурентен со европскиот, тогаш аргументите на официјална Софија ќе беа многу послаби.

„Ние треба на овој начин преку домашната задача преку сето она што треба да го завршиме дома, да ја зајакнеме нашата позиција. На тој начин пропорционално ќе ја ослабиме позицијата на официјална Софија и на Бугарија и ќе дојдеме до конечно посакуваната цел, а тоа почеток на преговорите“, смета Мицкоски.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ заклучи дека граѓаните на Македонија се разочарани затоа што 15 години сме во чекалницата иако имаме направено можеби изминативе 15 години суштински реформи кои се многу понапредни од некои земји членки на ЕУ. Како пример го посочи тоа што Македонија многу пати во минатото застанала во одбрана на интересите на европскиот континент и на самата ЕУ кога беше и последниот бран со емигрантите што се случуваше на нашата јужна граница.

Share
Scroll to Top