Мицкоски: Од работа се бркаат луѓе кои гласно зборуваат против мафијата на власт

пред 4 години

И покрај заразата, тоа што денес сме собрани овде укажува дека на народот му е прекипено и има вистинска мака, а таа мака се вика мафија, рече на почетокот од своето обраќање лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на вечерашниот протест кој неговата партија го организираше против „неправдата, реваншизмот и политичкото насилство“.

Тој пред присутните наведе неколку примери за, како што рече, реваншизам и политичкото насилство и побара јавноста да ги запамети тие случаи:

„Денеска можете да сретнете татко на три деца кој останал без работа само затоа што одбил да излезе и да гласа за СДСМ на последните предвремени парламентарни избори. Самохрана мајка е оставена без единствените приходи и избркана од работа само затоа што одбила да биде дел од структурите на СДСМ и да земе членска книшка. Преместен на работно место од Скопје во Кичево на ископ на јаглен, за да сам си замине од работа затоа што гласно рекол дека Заев е криминалец. Го дале на дисциплинска одговорност само затоа што бил забележан во спотовите на ВМРО-ДПМНЕ за изминативе избори“, наброја Мицкоски.

Посочи дека покрај реваншизмот во државните институции, теророт на мафијата е насекаде каде што таа може да допре.

„Имаме отпуштања од работа кај поголеми приватни фирми кои се блиски до власта. Да не зборувам за уцените кои ги прават кон газдите на компаниите за да тие благонадежно одработуваат за истата таа власт. Сакам сите да знаат овој терор и реваншизам се случува не затоа што е силна мафијата, туку затоа што се кукавици, и затоа што се уплашени. Тие се уплашени затоа што луѓето гласно говорат“, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ пред присутните на протестот.

Посочи дека секој кој што е жртва на ваква ситуација може да се обрати до ВМРО-ДПМНЕ, која како партија на народот, ќе му помогне и одбрани.

„Секој обесправен, се до последниот, без разлика дали таа тортура е кон Македонец, Албанец, Турчин, Ром, Србин, Влав, Бошњак, Еѓипќанец и останатите, да ми простат што не ги споменав наши сограѓани од различна етничка припадност, може да се обрати до нашата партија и ќе наиде на отворена врата“, посочи Мицкоски им порача на присутните дека заеднички ќе ја победат тортурата и неправдата и ќе ги одбранат националните и државните интереси на Македонија.

Share
Scroll to Top