Мицкоски: Системот не функционира, ВМРО-ДПМНЕ бара централно кризно тело од експерти

пред 3 години

Состојбата на терен е пресложена и пресериозна. Делови од Македонија се зафатени од сериозна огнена стихија, а народот е оставен сам на себе да се спасува кој како може, умее и знае. Имаме целосно, потфрлање на системот кој нефункционира, истакна на денешната прес конференција лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

„Ова не е прес конференција да судам, ниту да давам квалификации за владиниот неморал. Сакам да испратам апел за целосна мобилизација на се што може да се мобилизира од институции, ресурси и човечки потенцијал и заеднички да се спротиставиме на огнениот пустош. Апелирам, човечки молам, владините институции да го прават тоа за што се платени, да му служат на народот. Граѓаните се исплашени и под притисок. Имаат чувство дека се оставени на цедило. Сакам да направам јасна разлика и да потенцирам дека народот, пожарникарите и службите кои се на терен и помагаат, ја имаат мојата помош и поддршка, но она што недостасува е отсуството на институционално раководење со тие сили“, порача Мицкоски

Тој апелира да се формира централно кризно тело, а не како што рече ова што сега го има државата.

„Знам дека од Владата ќе одговорат дека веќе има такво, но тоа е далеку под просечно се справува со кризата. Колку животи и имоти треба да се уништат за да владата се уозбили и наместо циркузанти кои кршат керамиди со оваа деликатна работа да се зафатат стручни луѓе и тим од професионалци. Мора да се ангажираат најдобрите експерти и да се искористат најдобрите човечки потенцијали“, посочи Мицкоски.

Повика во најкус можен рок и Собранието да заседава на посебна собраниска седница каде ќе се разгледува точка со информација за последните случувања со пожарите во Македонија.

„Мора јавно да се изнесат слабостите за да се најдат решенијата. Недозволиво и во најмала рака невкусни се коментарите кои ги даваат институциите „ако видите пожар, оставете да гори, Владата ќе ви плати“. Јасно е дека Владата е неспособна, и таа треба час поскоро да замине“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Одговори и на како што ги нарече измислиците и невистините кои провладините платеници ги шират.

„Истите тие ја обвинуваат опозицијата дека политизирала и дека сме се обидувале политички да профитираме па дури и ме нарекоа мене пироман, додуша политички. Згрозен сум од нивото на речникот што се користи од директните владини платеници но и тие кои се индиректни владини платеници, циркузанти и изманици кои имаат задача да го одвлечат вниманието на народот од вистинските проблеми. Нема да останам рамнодушен ниту на оние странични монструозни лаги кои доаѓаат од еден ист центар, СДСМ, дека опозицијата распалувала пожари. Останувам згрозен како човек и со чувство на гадење гледам на злобата на власта што е доказ само за тоа колку се неспособни да делуваат и помагаат за сметка на тоа колку се способни да лажат и измислуваат. Ги жалам таквите ликови“, додаде Мицкоски.

Информираше дека денеска ќе биде во Пијанец и Малешевијата со цел помош на населението од пожарите.

Share
Scroll to Top