Мицкоски – Ѓорѓиевски на генералното собрание на ЗЕЛС: Поголема поддршка за општините за подобро утре на сите граѓани

Мицкоски – Ѓорѓиевски на генералното собрание на ЗЕЛС: Поголема поддршка за општините за подобро утре на сите граѓани

пред 7 месеци

Денес, се одржа шестото генерално собрание на единиците на локалната самоуправа, на кое присуствуваше и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и мандатар за состав на новата влада, Христијан Мицкоски.

Како што рече во изјавата за медиумите, во периодот што следува општините ќе имаат големо значење затоа што голем дел од капиталните проекти за потребите на граѓаните ќе бидат реализирани преку општините.

„Нашите граѓани имаат основни егзистенционални проблеми, во центрите на поголемите урбани средини се гази во кал, ниту 20 % од територијата не е покриена со организирани канализациски системи, а да не зборувам за нивно прочистување. Имаме средини во кои немаме ниту пивка вода за пиење, имаме руинирани детски игралишта, гледате каква е состојбата со демографијата во Македонија – за неколку години за 30 % е намалена бројката на дечиња што се раѓаат. Имаме руинирани училишта, долги листи на чекање во градинките и сето тоа треба да претставува приоритет и ќе претставува приоритет на идната влада. Она што јас можам да го кажам е да бидат подготвени сите градоначалници, без разлика од која политичка партија да доаѓаат, да работат на проекти. Наесен, во првата половина од септември, а можеби, ако сè биде како што треба со ребалансот, уште во август ќе биде објавен повикот за оваа година. Минимум 6 милијарди денари, минимум 100 милиони евра, иако јас се обидувам да обезбедиме и денар повеќе, но веќе в година повикот ќе биде објавен на почетокот на годината и 250 милиони евра од централниот буџет ќе бидат за општините. Нашата цел е да во првите четири години од нашиот мандат да допреме до 400.000 домаќинства, да ги решиме основните егзистенционални суштински проблеми. Преку општините да ја донесеме работата на владата до домот на секој граѓанин. Сигурен сум дека ќе успееме, знам дека станува за амбициозна група на градоначалници, кои ќе дадат сè од себе да направат проекти бидејќи сите тие се избрани од народот и треба да бидат слуги на народот и пред народот да одговораат“, рече мандатарот Христијан Мицкоски.

Претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, најпрвин го поздрави идниот премиер Христијан Мицкоски, кој од самиот почеток се одѕвал на поканата да присуствува на генералното собрание, што е од голема суштинска важност земајќи предвид дека во изминатите две и пол години градоначалниците имале блокада од централната власт.

„Како ЗЕЛС не наидувавме на разбирање од страна на веќе поранешната власт за ниедно прашање, дури и за оној основен дел, меморандумот за соработка помеѓу ЗЕЛС и Владата, кој внатре ги содржи проблемите, кои заеднички треба да ги решаваме, беше одбиван да се потпише. Ако по утрото денот се познава, тоа значи дека со новата власт ќе имаме беспрекорно добра соработка. Верувам дека ќе имаме голема реализација на проекти во сите општини во Македонија и секако надминување на сите оние долготрајни проблеми со кои се соочуваме, а се поврзани со децентрализацијата, проблемите за пожарникарите, проблемите со кучињата скитници итн. На ова генерално собрание ќе разговараме, покрај проблемите, и за некои законски регулативи и предлог-закони што допрва треба да бидат донесени, а се во полза на општините и граѓаните, како закон за комунална полиција итн. Се надевам дека ќе имаме плодна и исцрпна дебата, премиерот на новата влада ќе има и свое обраќање на ова собрание. Претседателе, уште еднаш благодарам за вашето присуство и се надевам дека сè денес ќе помине во најдобар ред“, истакна Ѓорѓиевски.

Текстот Мицкоски – Ѓорѓиевски на генералното собрание на ЗЕЛС: Поголема поддршка за општините за подобро утре на сите граѓани е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top