Со оглед на одлуката на ЕУ и други европски земји, вклучувајќи ја и Македонија, за затворање на Европскиот воздушен простор за Руските авиопревозници, МНР апелира нашите граѓани кои престојуваат на територијата на Руската Федерација, да ги искористат се уште расположливите комерцијални летови, копнени и морски линии за напуштање на таа земја. Ваквото предупредување следува поради можноста да дојде до целосен прекин на авио линиите од и кон Русија.
„ Соодветно, ги повикуваме сите државјани на Северна Македонија кои во претстојниот период планираат посета на Руската Федерација, да се воздржат од патувања кон истата.
Министерството за надворешни работи ги следи одблиску состојбите, и е во постојана комуникација со нашите партнери и сојузници со кои на дневна основа разменуваме информации и анализи за актуелните состојби.
За поддршка на државјаните на Северна Македонија кои моментално се наоѓаат во Руската Федерација, стојат на располагање следните телефонски броеви на Амбасадата: + 74 99 124 33 57 (фиксен), + 79 58 643 34 63 (мобилен), е-mail: [email protected], [email protected]
Дополнително, нашите државјани може да се обратат и во Министерството за надворешни работи на дежурниот телефонски број +389 75 273 732 и следната е-меил адреса: [email protected]
Воедно ги известуваме сите нашите граѓани, кои се наоѓаат во или надвор од нашата држава, да ги следат и да се информираат само од официјалните канали на информирање кои доаѓаат од Министерството за надворешни работи, социјалните мрежи на Министерството и Амбасадата на Република Северна Македонија во Москва.
Министерството за надворешни работи ќе продолжи да ги следи состојбите во Русија и навремено ќе информира за евентуални дополнителни насоки за постапување на нашите државјани.