Модернизацијата на Армијата продолжува со силно темпо, порача Мисајловски на промоцијата на новите оклопни возила

Модернизацијата на Армијата продолжува со силно темпо, порача Мисајловски на промоцијата на новите оклопни возила

пред 2 часа

Денеска (26 март) во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец, во присуство на претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, министерот за одбрана Владо Мисајловски, вице-премиерот и министерот за транспорт и врски, Александар Николовски, началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски и вршителот на должност шеф на Мисијата на Амбасадата на САД, Никол Варнс, беа промовирани новопристигнатите 17 лесни оклопни возила од типот „STRYKER“, кои се набавени од САД во процесот на модернизација и опремување на македонската Армија.

На настанот премиерот Мицкоски истакна дека продолжуваат инвестициите во одбраната и во Армија и дека со оклопните возила „STRYKER“ значително ќе се зајакне капацитетот на македонската Армија.

„Ова за нас многу значи, ја подобрува оперативноста, практично ја зголемува мобилноста на самата Армија и на тој начин стануваме поконкурентни споредено со другите армии. Ние како Влада ќе продолжиме и во иднина да инвестираме во нашата македонска Армија“ рече Мицкоски.

Министерот Мисајловски порача дека ова е еден од најкрупните проекти на Министерството за одбрана и дека модернизацијата на Армијата продолжува со силно темпо бидејќи повеќе од 32% од Буџетот на одбраната се планирани за модернизација.

„Како што може да видите позади мене се веќе 17 возила стигнати. Останатите би требало да стигнат до средината на летото, но ќе продолжиме и со се она што е во делот на нашата модернизација“, рече министерот. Тој додаде дека благодарение на одличната соработка со САД, дел од возилата кои во минатото биле надвор од употреба, денес повторно се ставени во функција и потенцира дека следат уште многу проекти со САД а кои опфаќаат дополнителни наоружувања, дополнителна опрема, беспилотни летала, опрема за специјалните единици со цел да имаме модерна и опремена Армија.

Мисајловски во оваа прилика упати благодарност до премиерот и министрите во Владата, до пратениците, до вршителот на должност шеф на Мисијата на Амбасадата на САД и вработените во Амбасадата на САД, како и до вработените во министерството и Армијата кои работеа на овој проект и овозможија интензивирање на одбранбената соработка со нашиот стратешки партнер.

Никол Варнс вршителот на должност шеф на Мисијата на Амбасадата на САД, подвлече дека со пристигнувањето на лесните оклопни возила „Stryker“ како и со целосната испорака во следниот период, државата прави вистински и видлив чекор напред во процесот на модернизацијата на вооружените сили и зајакнувањето на своето место во Алијансата. Таа додаде дека САД ќе останат доверлив партнер на нашата држава на патот на модернизација и придонесот за мирот и стабилноста во регионот и пошироко.

Набавката на оклопните возила од типот „Stryker“ е дел од процесот на модернизација и унапредување на капацитетите на Армијата и се реализира преку договор влада со влада со САД. На промоцијата беа прикажани можностите и капацитетите на овие возила.

Текстот Модернизацијата на Армијата продолжува со силно темпо, порача Мисајловски на промоцијата на новите оклопни возила е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top