Денес кога почнува амандманската расправа за Буџетот за 2021 година, како пратеници од Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе инсистираме на итни и интервентни политики насочени кон намалувањето на загадувањето и справувањето со сите негативни појави во областа на животната средина, изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски.
„Само во текот на последниот викенд, речиси и да немаше поголем град низ Македонија каде индикаторите за аеро-загадување не беа застрашувачки. Во Македонија продолжува еколошката катастрофа која не засега сите нас. Загадувањето на воздухот е една од најголемите закани за здравејто и мора нешто да се превземе во најбрз можен рок.Негативните трендови не засегнуваат сите, а според огромен број научни студии најмладите генреации нема да можат да го достигнат својот потенцијал заради токсичните материи во воздухот“, рече тој.
Истовремено, додаде Муцунски, најстарите генерации со хронични заболувања се во постојан ризик.
Преку консултација со Невладината организација 02 Иницијатива, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ поднесе амандмани, меѓу кои амандмани кои предвидуваат субвенции за поставување на филтри од домашно производство за 25,000 домаќинства кои се греат на дрва и други загадувачки материи, промена на начинот на загревање на здравствените и образовните установи во најзагадените градови во Македонија од мазут/нафта во гас/топлотна межа/топлински пумпи/сончеви колектори, поставување на DPF (diesel particulate filters) и SCR (selective catalytic reduction) системи на автобусите и градежните машини во најзагадените градови во Македонија.
ВМРО-ДПМНЕ предлага и поставување на филтри на јавните институции во најзагадените градови во Македонија кои нема да го променат начинот на греење во незагадувачки, субвенции за поставување на плински уреди во 10,000 возила, акредитација на Централната лабораторија за животна средина на МЖСПП – Aкредитација на методите за одредување на тешки метали во воздухот, акредитација на методите за одредување на полициклични ароматични јаглеводороди во воздухот, за потребите на инспекторите. .
„Бараме од колегите од другите пратенички групи да се придружат кон овие амандмани предложени од невладиниот сектор и експерти. Проблемот е колективен, а неуспехот значи влошена здравствена состојба на сите наши граѓани. Доколку сакаме да ги надминеме бариерите на дневната политика, токму преку заедничко усвојување на овие амандмани можеме да покажеме дека Македонија може поинаку“, рече Муцунски.