Муцунски на состаноци во Германија, Обединетото Кралство и Ирска

Муцунски на состаноци во Германија, Обединетото Кралство и Ирска

пред 4 часа

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, во периодот од утре до 18 јуни ќе оствари работни посети на Сојузна Република Германија, Обединетото Кралство и Ирска.

„Следната недела фокусот ќе биде на економската дипломатија, политичкиот дијалог и билатералните односи, јакнењето на стратешките партнерства и европската интеграција. Нашата цел е јасна: повеќе економски можности, посилни партнерства и конкретни придобивки за државата, економијата и граѓаните“, напиша министерот Муцунски во својата објава, најавувајќи ги посетите.

Утре, на покана на министерот за федерални, европски, меѓународни работи и медиуми на покраината Северна Рајна-Вестфалија, Натанаел Лимински, министерот Муцунски ќе престојува во Диселдорф, главниот град на оваа германска сојузна покраина.

За време на посетата, Муцунски ќе оствари средба со министерот Лимински, по што двајцата министри ќе потпишат нова Заедничка декларација за намери за соработка меѓу Владата на Сојузната покраина Северна Рајна-Вестфалија и Владата на Република Северна Македонија за периодот 2026–2030 година.

На 16 јуни, министерот Муцунски ќе престојува во Лондон, каде што ќе оствари средба со својот хомолог, државниот секретар за надворешни работи, Комонвелт и развој на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Ивет Купер.

Во рамки на посетата, министерот Муцунски ќе присуствува и на отворањето на првиот вински саем на земјите од Централна и Источна Европа во Лондон, настан што претставува значајна можност за промоција на македонското вино и за јакнење на економската и трговската соработка.

Во периодот од 16 до 18 јуни, министерот Муцунски ќе престојува и во Даблин, Ирска.

За време на посетата, ќе се сретне со министерката за надворешни работи и одбрана на Ирска, Хелен Мекенти, при што покрај билатералните односи, посебен акцент ќе биде ставен на претстојното шестмесечно претседавање на Ирска со Советот на Европската Унија, кое започнува на 1 јули.

Во ирскиот парламент, министерот Муцунски ќе оствари средби со пратеници и членови на Заедничкиот комитет за прашања поврзани со Европската Унија на двата дома на парламентот, а ќе се обрати и во Институтот за меѓународни и европски работи (IIEA), еден од водечките ирски тинк-тенк центри за меѓународни односи и европски прашања.

Посетата на Ирска се реализира во пресрет на ирското претседавање со Советот на Европската Унија и е насочена кон натамошно зајакнување на билатералната соработка, како и кон обезбедување континуирана поддршка за процесот на проширување на Европската Унија и за реформските напори на државата на патот кон полноправно членство во Унијата.

Текстот Муцунски на состаноци во Германија, Обединетото Кралство и Ирска е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top