Муцунски: Сите наши амандмани се одбиени за петтиот пакет мерки

пред 4 години

Нашите граѓани секојдневно губат работни места, голем број дејности се соочуваат со неверојатни тешкотии, се повеќе компании се на границите на нивна ликвидност, а стотици семејства и поединци не успеваат да обезбедат минимум финансиски средства за свој опстанок, изјави пратеникот на ВМРО-ДПМН, Тимчо Муцунски.

„ И дури се ова е дел од нашата реалност, наместо реализација на итна државна помош сведоци сме на театарска претстава исполнета со секојдневни политички игри без граници. Напоменувам дека Петтиот пакет економска помош од Владата до Собранието е доставен на 16 февруари. Без оглед на високиот степен на значење собраниското мнозинство само од ним познати причини чекаше месец и половина да ги стави законите од тој пакет на дневен ред, а собраниската процедурата започна дури на 24 март.

Два месеци од денот кога законите се доставени до закокодавниот дом, Собраниската Комисија за финансии и буџет предводена од ВМРО-ДПМНЕ во првиот возможен момент ги создаде неопходните услови успешно да започне и да заврши комисиската расправа, но мнозинството повторно не закажува пленарна седница“ истакна Муцунски.

Тој додаде дека овој пакет економски мерки е недоволен и дека е изготвен без соодветна и доволна консултација со видни експерти и повеќето од засегнатите страни. Рече дека во текот на комисиската расправа пратениците на ВМРО-ДПМНЕ предлагале да се предвиди директна поддршка за компаниите и граѓаните, не само за месеци февруари и март, туку и за април и мај.

„ Истовремено поднесовме уште неколку конкретни амандмани, меѓу кои побаравме и помошта која се дава на компаниите да биде неповратна. Морам да нагласам дека сите амандмани предложени од опозицијата беа одбиени. Уште еднаш го Повикуваме парламентарното мнозинство на разумно, државничко, одговорно и ефикасно дејствување.

Во наведената насока, апелираме уште денес да се закаже собраниската седница на која конечно петтиот сет пакет мерки ќе станат реалност. Со таквиот чекор не само што ќе ја исполниме нашата пратеничка обврска за рационално и ефикасно дејствување, туку истовремено ќе докажеме дека на најсоодветен начин работиме во најнепосреден интерес на граѓаните кои безрезервно ни ја дале нивната доверба да ги претставуваме во овој дом“ порача Муцунски.

Share
Scroll to Top