Муцунски учествуваше на Бледскиот стратешки форум, се заблагодари за досегашната силна поддршка на Словенија во евроинтегративниот процес

Муцунски учествуваше на Бледскиот стратешки форум, се заблагодари за досегашната силна поддршка на Словенија во евроинтегративниот процес

пред 7 месеци

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, вчера и денес присуствуваше на Бледскиот стратешки форум кој се одржа во Република Словенија. Во рамките на форумот, Муцунски учествуваше на панелот на тема: „Европа целосна и слободна: Возобновена заложба за европската безбедност“, каде што ја нагласи важноста на проширувањето на ЕУ како најуспешна надворешна политика на Унијата. Тој истакна дека новата македонска влада е посветена на дејствување како кредибилен европски партнер и на спроведување реформски процеси што ќе ги приближат стандардите до оние на земјите-членки.

На маргините на форумот, Муцунски оствари одделна билатерална средба со министерката за надворешни и европски работи на Република Словенија, Тања Фајон. Двете страни разменија мислења за актуелните состојби во земјите и регионот, изразувајќи задоволство од одличните билатерални односи и успешната соработка, потврдена преку заемната помош и солидарност во изминатиот период. Муцунски се заблагодари за досегашната силна поддршка на Словенија во евроинтегративниот процес, додека министерката Фајон потврди дека Словенија и понатаму ќе остане наш пријател и поддржувач на евроинтегративниот пат.

На покана од министерката Фајон, Муцунски присуствуваше на работен појадок посветен на прашањето на сукцесијата на поранешната СФРЈ. На појадокот учествуваа и останатите министри од наследничките земји, кои ја потврдија својата решеност да го продолжат процесот на сукцесија, планирајќи редовни состаноци на министерско и оперативно ниво.

Во рамките на форумот, Муцунски учествуваше и на работен состанок со министрите за надворешни работи и специјалните претставници за Западен Балкан, каде што се дискутираа актуелните состојби во регионот, со акцент на европските перспективи и напредокот во евроинтегративните процеси. Министрите едногласно се согласија дека проширувањето на Европската унија со земјите од Западен Балкан ќе придонесе за стабилноста и просперитетот на регионот.

На маргините на форумот, Муцунски оствари и други значајни средби, меѓу кои и со заменик-директорот за Европа во Европската служба за надворешна акција, Марко Маковец; претседавачот на Глобалниот Европски центар во САД, Филип Рикер; комесарот за човекови права на Советот на Европа, Мајкл О’Флаерти; и специјалниот претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан, Лорд Стјуарт Пич.

Текстот Муцунски учествуваше на Бледскиот стратешки форум, се заблагодари за досегашната силна поддршка на Словенија во евроинтегративниот процес е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top