Над 13.000 хектари земјоделско земјиште ќе бидат опфатени со четирите нови системи за наводнување

Над 13.000 хектари земјоделско земјиште ќе бидат опфатени со четирите нови системи за наводнување

пред 11 месеци

Премиерот Димитар Ковачевски присуствуваше и се обрати на свеченото потпишување на договорот за имплементација на четирите системи за наводнување по долината на реката Вардар како дел од програмата за наводнување на Северна Македонија.

Во своето обраќање Ковачевски истакна дека со програмата се овозможува наводнување нови над 13.000 хектари земјоделско земјиште, што е од исклучителна важност за развиено и конкурентно земјоделство, за зголемено производство на домашни земјоделски производи и зголемено производство на храна.

Реализацијата на оваа програма е овозможена со поддршката на Кредитната банка за обнова – КфВ од Сојузна Република Германија преку заем од 80 милиони евра и грант од 2,8 милиона евра за поддршка на земјоделците и земјоделските задруги во областите опфатени со хидросистемите. Со тоа се обезбедува 70 проценти од потребните средства за реализација на програмата за наводнување, а 30 отсто ќе се обезбедат преку буџетски средства.

„Имплементацијата на програмата за наводнување во нашата земја ќе овозможи создавање модерни и ефикасни системи за наводнување, кои ќе ги зголемат хидропотенцијалот и обемот на земјоделското производство и ќе ги намалат економските загуби. Реализацијата на оваа програма е во линија на нашите заложби за создавање модерно земјоделство по европски терк, со што ги решаваме децениските проблеми на нашите земјоделци. Реализиравме многубројни проекти од водостопанството, инвестираме во сите региони. Овозможивме изградба на нови и реконструкција на постојните системи за наводнување за да осигуриме стабилни и богати приноси и да бидеме уште поконкурентни на европските и светските пазари“, рече Ковачевски.

Заклучи дека земјоделството е еден од врвните приоритети на оваа Влада и изминативе 7 години ставен е фокус на развојот на овој сектор. Нашата цел, рече Ковачевски, е да имаме повеќе домашна храна, да создадеме модерно и конкурентно земјоделско производство по европски терк, со мотивирани и задоволни земјоделци, да го издигнеме овој сектор на ниво на профитабилна и базична гранка, на која ќе го темелиме економскиот раст.

Текстот Над 13.000 хектари земјоделско земјиште ќе бидат опфатени со четирите нови системи за наводнување е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top