Над 500 административци од Скопје денес ги почнаа тренинзите за поголема професионалност, етика и транспарентност

Над 500 административци од Скопје денес ги почнаа тренинзите за поголема професионалност, етика и транспарентност

пред 2 часа

Министерството за јавна администрација, денеска, го одржа првиот дел од најголемата програма за професионален развој на административни службеници во историјата на државата. Генеричките обуки, кои се спроведуваат под слоганот „Инвестицијата во административните службеници е инвестиција во иднината на јавниот сектор“, во првата фаза ќе опфатат 1.000 службеници од разни институции. Првите обуки почнуваат во Скопје со учество на над 500 административни службеници, кои ќе минат низ систематски и стандардизирани тренинзи.

На свеченото отворање, на кое присуствуваа претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, многубројни министри, претставници на дипломатскиот кор, претставници на меѓународните и на граѓанските организации и други гости, обраќања имаа премиерот Христијан Мицкоски и министерот за јавна администрација, Горан Минчев, кој истакна дека генеричките обуки се првиот чекор кон создавање професионална, етичка и одговорна администрација, која работи во служба на граѓаните.

„Тие се првиот чекор кон создавање службеници што ќе ја познаваат суштината на јавната служба, како и професионалноста, етиката, одговорноста, транспарентноста. Без овие основни вредности, ниеден закон, ниедна стратегија, ниедна визија нема да може да се реализира. Но, она што е особено важно е дека овие обуки не се само за административните службеници – тие, пред сè, се во функција за граѓаните. Со овие обуки ние инвестираме во вработените затоа што посилна и пообучена администрација значи посилна и поуспешна држава за сите нас“, рече министерот Минчев.

Тој ја нагласи и важноста на Академијата за јавни службеници, прва институција од ваков вид во земјата, која ќе претставува „срце на модерната администрација, куќа на знаењето и лабораторија на нови идеи“.

„Со зајакнување на знаењето на службениците ја зајакнуваме државата“, рече министерот.

Министерството работи и на усогласување на законската регулатива со онаа на Европската Унија во делот на јавната администрација.

„Сакам да потенцирам дека историски исчекор во реформата претставува донесувањето на пакетот реформски закони – Законот за вработените во јавниот сектор, Законот за административните службеници, Законот за инспекцискиот надзор и Законот за стручно усовршување и обука на јавните службеници. Овие четири закони се темелот на новата визија и претставуваат почеток на севкупната реформа на јавната администрација во нашата држава“, вели министерот Минчев.

Обуките се реализираат со поддршка на меѓународни партнери и експерти, вклучувајќи ја и соработката со РЕСПА, ЦЕФ, Агенцијата за стручни обуки од Франција, Институтот „Вита“ и Економскиот факултет при УКИМ.

Покрај обуките што се реализираат во Скопје, во наредните месеци ќе се спроведуваат и регионални обуки во Источниот, Полошкиот и во Пелагонискиот Регион со цел да се опфатат сите административни службеници во земјата.

Текстот Над 500 административци од Скопје денес ги почнаа тренинзите за поголема професионалност, етика и транспарентност е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top