Националната агенција за европски образовни програми и мобилност организираше еко-смарт настан во дворот на Студентскиот дом „Гоце Делчев“ во Скопје, како дел од новата кампања „Направи чекор“, со цел одржливо делување и иновативен пристап кон младите.
Настанот вклучи донација на смарт (паметна) клупа и еко-акција за садење дрвја, реализирана во соработка со студентите и раководството на Домот. Смарт клупата овозможува соларно полнење на мобилни уреди, а новозасадените дрвја симболично го претставуваат вложувањето во одржлива и зелена иднина. За реализација на садењето, садниците беа обезбедени од ЈП Национални шуми, за што беше упатена благодарност до директорот на претпријатието, Здравко Трајанов.
На настанот присуствуваа студенти од Универзитетското студенстско собрание на УКИМ, од студентскиот дом “Гоце Делчев”, директорот Александар Каровски и претставници од управата на Студентскиот дом, како и вработени и директорот на Националната агенција, Петар Богојески.
Од Националната агенција велат дека преку ваквите активности се демонстрира нов пристап на отвореност, достапност и блискост со младите, како и поинаква, непосредна комуникација. Со секоја нова иницијатива, додаваат, Агенцијата ја засилува својата заложба да ги надмине бариерите меѓу институцијата и младите.
„Преку кампањата „Направи чекор“, НАЕОПМ се позиционира како отворена институција – сè појасно препознатлива, не само како повик, туку и како конкретен патоказ: да се отворат вратите кон европските програми, да се охрабрат младите да станат активни корисници и да го трасираат сопствениот пат кон образование, вмрежување и успех“, велат од агенцијата.
Текстот „Направи чекор“ – aгенцијата за европски образовни програми организираше еко-смарт настан е превземен од МАКФАКС.