Иницијативата „НаТочак“ реагира дека планот за изградба на висококатници спроти „Холидеј Ин“ мора да се стопира и да се преработи.
Според нив, во спротивно ќе се поткопаат декларативните заложби за „зелен“ град, „велосипедски“ град, „град за луѓе”, „отпорно Скопје”, „Скопје со квалитетен јавен простор“ – и тоа, на најрепрезентативна локација.
„Додека во моментов во Новo Маало – колоквијално познато како „маалото и паркингот спроти Холидеј Ин” има многу јавни улици кои попречно ја сечат оваа четврт, во планот, и во реалноста во иднина, доколку планот не се стопира, ќе има само една јавна слепа улица како крак од улицата ‘Мирче Ацев’, што е погрешно од многу аспекти. Нема ниту пешачки јавни патеки низ целиот комплекс. Ќе се добие непробивна, приватна и небезбедна зона во самото срце на Скопје“, се наведува во соопштениеto.
Од иницијативата „НаТочак” потенцираат дека градоначалниците би било логично да се заложат за повеќе јавни пристапи и кон овој плоштад доколку навистина се грижат за движењето, безбедноста, одржливоста, и да го стопираат овој план.