Национален консултативен механизам за Реформската агенда: Преглед на напредокот на „половина пат“

Национален консултативен механизам за Реформската агенда: Преглед на напредокот на „половина пат“

пред 4 часа

Институтот за европска политика (ЕПИ) – Скопје и Министерството за европски прашања (МЕП) во Клубот на пратеници го одржаа третиот состанок на Националниот консултативен механизам за Реформската агенда (НКМ-РА). Овој состанок, насловен како „Реформската агенда 2024-2027 на половина пат: преглед на напредокот до денес“, претставува клучна точка за евалуација на досегашните реформски чекори и координација помеѓу државните институции и граѓанското општество.

НКМ-РА е, мултисекторски механизам воспоставен како национална платформа за структуриран, транспарентен и инклузивен дијалог. Механизмот обединува над 150 граѓанските организации, претставници на академската заедница и стопанските комори. Неговата цел е да овозможи следење засновано на докази на спроведувањето на Реформската агенда на Северна Македонија, која е централен дел од Инструментот за реформи и раст на Европската Унија за Западен Балкан.

Настанот беше отворен со обраќања на Беким Сали, шефот на секторот за соработка при Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија – Штефен Худолин, професорката на Економскиот институт – Силвана Мојсовска и директорката на ЕПИ – Симонида Кацарска.

Мониторингот на ЕПИ покажува дека спроведувањето на Реформската агенда е нерамномерно и дека дел од клучните реформски области се соочуваат со предизвици во имплементацијата. Заклучно последната оцена од ЕК во октомври минатата година, од вкупно 21 реформски чекор со иницијален рок за исполнување, заклучно декември 2024 и јуни 2025 година, исполнети се 6. До сега, достасани се 50 реформски чекори од кои 15 во грејс период и нови 29 заклучно декември 2025, за кои се очекува оценката на Европската комисија за нивото на исполнетост.

Напредокот е повидлив кај реформите што зависат од усвојување законодавство, особено во областа на дигиталната транзиција, додека реформите во владеењето на правото, правосудството, антикорупцијата, организираниот криминал, енергетската ефикасност и деловното опкружување сè уште бараат посилна институционална координација, кадровско зајакнување и поголема оперативна подготвеност. За успешно исполнување на

реформите кои се во грејс-периоди и намалување на ризиците за идните исплати, неопходна е посилна координација и суштинско вклучување на граѓанските организации преку транспарентен механизам во работата на Мониторинг-комитетот.

Министерот за европски прашања, Беким Сали, истакна дека процесот на европска интеграција за Северна Македонија претставува конкретна трансформација, заснована на мерливи реформи и видливи резултати за граѓаните. Тој потенцираше дека државата, како што кажа, прва во регионот што ја финализирала Реформската агенда и ги исполнила условите за предфинансирање преку потпишување на Договорот за заем и Спогодбата за инструментот, покажа силна посветеност и институционален капацитет за реализација на сериозни реформи со европско темпо.

Сали нагласи дека сега е клучно да се зборува за вистинскиот ефект на реформите врз квалитетот на јавните услуги и секојдневниот живот, а не само за усвоените документи. Како видливи резултати од овие реформи ги наведе: попрофесионална и потранспарентна администрација, зајакнат финансиски надзор, поправедни јавни набавки, напредок во енергетската транзиција (воспоставување на систем за Гаранции за потекло) и дигиталната трансформација (нови закони за кибер-безбедност и дигитален идентитет), како и унапредување на образовниот систем. Тој потврди дека Северна Македонија останува целосно посветена на реформите во владеењето на правото, борбата против корупцијата и градењето пофункционални институции и поправедно општество, со цел да биде меѓу водечките земји во процесот на европска интеграција.

Шефот на Секторот за соработка на Делегацијата на ЕУ, Штефен Худолин, го поздрави континуитетот на Националниот консултативен механизам, кој доаѓа во клучен момент – на половина пат од спроведувањето на Реформската агенда и совпаѓање со четвртиот извештаен период. Тој подвлече дека Реформската агенда не е само механизам за финансирање, туку структурна патека кон членство во ЕУ, при што крајната цел е подготовка за пристапување преку директно усогласување со стандардите и законодавството на ЕУ. Иако Делегацијата на ЕУ забележа охрабрувачки нагорен тренд во три извештајни циклуси, со очекувано експоненцијално зголемување на исплатените средства (што ќе биде одразено во резултатите од третото известување што Европската комисија ќе ги објави за неколку дена), напредокот е нерамномерен, највидлив во дигиталната транзиција и човечкиот капитал, додека областа на Владеењето на правото сè уште бара постојани напори.

Худолин предупреди дека од овој момент, доцнењата имаат своја цена и може да доведат до губење на средства, особено за 10-те чекори кои се приближуваат до првиот рок на грејс-периодот на 30 јуни 2026 година. Тој упати јасен повик до граѓанското општество да

се придвижи подалеку од статусот на набљудувач и да дејствува како активен придонесувач преку информиран придонес во креирањето политики, посилна тематска координација и подигање на јавната свест. Истовремено, ги повика јавните власти да покажат вистинска транспарентност и навремена билатерална соработка со институциите што работат на одредени реформски области, со цел граѓанското општество да може суштински да ги информира одлучувањето и имплементацијата на реформите.

По отворениот дел за јавноста, состанокот продолжи со три паралелни работни сесии фокусирани на приоритетните столбови на реформите: Енергетска транзиција и дигитална трансформација – дискусија за декарбонизацијата и усогласувањето со дигиталниот пазар на ЕУ, Развој на приватниот сектор и деловното опкружување – фокус на економскиот потенцијал и човечкиот капитал, Фундаментални вредности / Владеење на правото и добро управување – анализа на реформите во правосудството и антикорупциските мерки.

Оваа активност е дел од регионалниот проект „Следење реформи и раст во Западен Балкан“ (WB Reform and Growth Monitor), кој го спроведува ЕПИ во партнерство со мрежата „Мисли за Европа“ (Think for Europe Network – TEN) и Транспаренси Интернешнл Босна и Херцеговина. Проектот е финансиран од Европската унија и кофинансиран од Фондацијата Отворено Општество-Западен Балкан. Неговата примарна цел е да ги зајакне капацитетите на граѓанското општество за независен мониторинг и застапување во рамки на Планот за раст на ЕУ за регионот.

Текстот Национален консултативен механизам за Реформската агенда: Преглед на напредокот на „половина пат“ е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top