Инвестициите во МВР резултираат со значителен пад на криминалот и корупцијата и поголема мотивираност на полицијата, велат од владејачкиот Социјалдемократски сојуз утрово преку соопштение.
Оттука наведуваат дека нивниот одговорен и транспарентен пристап ја трансформирал полицијата во вистински заштитник на граѓаните.
„Во континуитет инвестираме во подобрување на условите за работа, што придонесува денес да имаме високо мотивирана полиција која ефикасно и неселективно се справува со секој вид на криминал. За овие четири години реконструирани се 58 објекти на Министерството за внатрешни работи, а изградени и во фаза на градба се неколку објекти за потребите на МВР. Континуирано се вложува и во набавка на нова опрема. Само во овој период набавени се 8.000 чевли, нови униформи за единицата за брзо распоредување и интервентната полиција, набавени се 40 нови дрегери, како и нови радарски системи“, велат од СДСМ.
Додаваат дека сите овие инвестиции придонесуваат за поефикасна работа на полицијата и намалување на стапката на криминалот.
Во првото полугодие од оваа година забележан е пад на криминалот за 10,8 отсто споредено со истиот период лани.
Овој ефикасен пристап, додава СДСМ, резултира со постојан раст на довербата на граѓаните кон полицијата која денес е вистински чувар на законите и правниот поредок.