„Нашите миленици се наше семејство, не ги напуштајте!” – „Лајка“ и скопската зоолошка со заедничка кампања

пред 2 години

ЈП Лајка и ЗОО Скопје со поддршка од Градот Скопје од денеска почнуваат заедничка кампања со цел подигање на свеста против напуштање на милениците и одговорно сопствеништво.

Преку кампањата „Нашите миленици се наше семејство, не ги напуштајте!“ одговорните ќе се обидат да ги едуцираат граѓаните кои чуваат миленици што значи одговорно сопствеништво, низ колкав стрес поминуваат напуштените животни и зошто е добро децата да растат со миленик кој е дел од семејството.

„Од денот кога ќе земете миленик, тој станува дел од семејството, бара секојдневна грижа, внимание и љубов кои ќе траат со години. Многупати сме биле сведоци на напуштање на милениците или несоодветно вдомување кои резултираат со многу бездомни кучиња и мачки на улиците, но и со многу зајчиња, папагали, желки донесени во ЗОО Скопје“, велат од Лајка.

Во кампањата ќе се вклучат и познати јавни личности кои се љубители на животните, а во следните фази планирани се и часови по емпатија во училиштата каде што како предавачи ќе се вклучат вработени од ЈП Лајка и ЗОО Скопје, како и активисти од здруженијата за заштита на животните.

Share
Scroll to Top