На безгрижните денови на Груевски можеби им се ближи крајот, пишува „Репортинг Демокраси“

пред 3 години

Политичката клима во Унгарија би можела да стане неповолна за Никола Груевски по изборот на Петер Марки-Зај за лидер на здружената опозиција, кој се смета дека има најдобра шанса да го порази долгогодишниот актуелен унгарски премиер, Виктор Орбан на следните избори, се наведува во анализа објавена на  „Репортинг Демокраси“.

Марки-Зај неодамна најави дека ќе ги екстрадира, како што рече, криминалните мигранти кои ФИДЕС (партијата на Орбан) ги донесе во земјата, меѓу кои и експремиерот Никола Груевски. Сепак, за да му биде укинат статусот на Груевски како азилант и за негова екстрадиција ќе треба повеќе од политичка волја и тој процес би бил многу комплициран и долг, се наведува во текстот.

„Во демократска држава базирана на владеењето на правото, ниту една влада, ниту еден премиер, немаат право некому да му го одземат статусот на бегалец“, вели Андрас Ледерер, претставник на унгарскиот Хелсиншки комитет, задолжен за мониторинг на човековите права.

Според авторите на анализата, и покрај тоа, постојат правни начини да му се укине статусот на азилант на Груевски, бидејќи Националниот генерален директорат за управување со странци на Унгарија, на секои три години ги проверува бегалските статуси. Станува збор за процедура во која подносителот мора да докаже дека сè уште постојат причините поради кои му е одобрен азилот. Властите понатаму може да одлучат дали ќе го продолжат азилот или ќе го укинат. Дури и ако азилантскиот статус на Груевски во Унгарија биде укинат, тој би можел да поднесе жалба на одлуката до унгарски суд, се додава во анализата.

Суд во Унгарија во 2019 година веќе одби барање од Северна Македонија за екстрадиција на Груевски, тврдејќи дека „лице препознаено како бегалец не може да биде екстрадирано во државата од која побегнало“.

Груевски стигна во Унгарија во 2018 година за да избегне отслужување на двегодишна затворска казна, по што уште истиот месец доби азил по итна постапка.

 

 

 

Share
Scroll to Top