Нема гушкање и ракување на свадбите, на гостите на влезот ќе им се мери температура

пред 3 години

Од денеска можат да се организираат свадби, а на влезот задолжително е мерење на температура на гостите. Оние кои ќе имаат повисока температура од 37,5 степени ќе бидат вратени.

Организаторот на свадбата, ќе мора да ги контролира гостите дали ќе се гушкаат, а доколку тоа се случи, да ги опомене и да им забрани. Истото правило важи дури и за ракување. Според протоколот за организирање на свадби, ваквите прослави може да се организираат само на отворен простор. Ако некој сака да танцува, тоа е дозволено ако во негова близина нема никој во радиус од 2 метри. Протоколот се донесува по осум месеци откако се забранија организирањата на свадби.

„ Бројот на гостите се ограничува на максимум 50% исполнетост на капацитетот на отворениот дел, но не повеќе од 100 гости. Угостителскиот објект во кој има прослава е должен да ја регистрира и пријави прославата во угостителска комора која води регистар на свадби, прослави и останати веселби. Задолжително е при влегувањето на гостите истите да бидат спроведени од страна на одговорно лице од угостителскиот објект. Организаторот има за обврска да достави листа на гости и распоред на маси за седење до одговорниот менаџер на угостителскиот објект кој има за обврска да го евидентира секое лице – гостин на прославата. Во случај на доаѓање на лица не евидентирани во листата на гости по добиено одобрение од организаторот ќе им се одобри присуство и ќе бидат внесени во листата за евиденција на присутни гости“, стои во протоколот.

Музичари може да има, но да се оддалечени 5 метри од најблиската маса за гости. Меѓу присутните, не смеат ниту да се движат, ниту да им пеат на уво. И во овој дел има ограничување. Според протоколот, на свадба можат да пеат само естрадни уметници кои се лиценцирани.

„ Јачината на музиката не треба да ја надминува пропишаната граница на јачина во угостителски објект. На гостите им е дозволено да влезат во затворениот/внатрешниот дел од објектот при потреба да користат тоалет. При престој на гостин во затворениот/внатрешниот дел на објектот задолжително е носење заштитна маска за што мора да бидат поставени јасни известувања во објектот. Вработените во угостителскиот објект задолжително носат заштитни маски преку устата и носот и зачестено одржуваат хигиена и дезинфекција на раце . Дозволен е максимален број од 6 лица на една маса со задолжително почитување на пропишаното растојание помеѓу секој гостин и растојание помеѓу масите. He е дозволено послужување на гости на маси за стоење и на шанк. Засилени внатрешни контроли на вработените лица од страна на одговорно лице за одржување на личната хигиена (често миење раце) во сите фази на подготовка, прием и послужување на храна“, се додава во пртоколот.

По завршување на прославата, задолжително е механичко чистење и дезинфекција со средство кое делува на вируси. Исто така, мора и редовно да се одржува хигиената во тоалетите со задолжително водење на евиденција за спроведеното чистење и употреба на препорачаните антивирусни дезинфекциони средства.

Share
Scroll to Top