Ќе иницирам основање фонд преку кој ќе обезбедиме маска за секој штипјанец додека трае ковид-19, изјави денеска Сашко Николов, кандидат од СДСМ за градоначалник на општина Штип.
Тој рече дека како доктор лично ги сведочи натчовечките напори кои ги прават неговите колеги во борбата против пандемијата, а на здравствените работници повеќе од било ким е потребана поддршката од граѓаните.
„Како иден градоначалник на општина Штип се обврзувам да направам се да го заштитам јавното здравје и сите капацитети на општината да бидат ставени во функција на борбата против коронавирусот. Ќе иницирам основање фонд преку кој ќе обезбедиме бесплатни заштитни маски за сите штипјани, за полесно справување додека трае кризата со Ковид-19 и ќе апелирам до сите компании, граѓани и донатори да учествуваат со свој придонес во оваа наша заедничка цел. Во рамки на Кризниот штаб и натаму ќе продолжиме со редовна и навремена дезинфекција на сите јавни установи кои се под надлежност на општината. Во време на криза потребна е солидарност и целосна грижа за ранливата катeгорија на граѓани. Во таа насока, ќе ја зацврстиме соработката со приватниот сектор за донации кои ќе бидат доделени до овие граѓани, како и соработка со Црвен Крст и сите волонтери за достава на лекови и намирници во домовите до сите штипјани кои од различни причини се спречени сами да ги обезбедат“, рече Николов.
Како што доодаде, изборниот процес е организиран безбедно, со безбедна изборна кампања и со строго почитување на сите протоколи за заштита.
Николов рече дека 13 декември, денот кога Штип го бира својот градоначалник ќе биде целосно здравствено безбеден ден зошто секој еден учесник во процесот и гласачите ќе ги почитуваат здравствените мерки.