СДСМ падна многу ниско и мора да измислуваат работи, бидејќи не знаат поинаку, а клеветат како нарачка од причина што Заев нема одговори на моите прашања, поврзани со рочиштето, изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски одговарајќи на новинарско прашање поврзано со обвинувањето од портпаролот на СДСМ дека наводно примил мито како дел од мисијата во Азербејџан.
Николоски вели дека овие обвинувања на СДСМ се класична монтировка бидејќи, како што рече, неговото име никаде не се споменува во интервјуто на Гералд Кнаус, на кое СДСМ се повикува и посочи дека со вакви клевети СДСМ ги навредува и меѓународните институции како што е Советот на Европа.
„Она што можам да го кажам е дека јас бев потпретседател на Парламентарното Собрание на Советот на Европа, највисока функција која што било кој пратеник од Македонија било кога ја имал, сум бил член на бројни мониторинг мисии во соседството како Бугарија, БиХ, Азербејџан и бев шеф на оценска мисија, за референдум од 2016 година, мисија која имаше тешка задача таму, но извештајот го усвои целокупното Парламентарно Собрание на Советот на Европа, и истиот беше цитиран од страна на ЕУ и ЕК што говори за кредибилитетот. Се друго се инсинуации и измислени работи и треба да почнат да внимаваат затоа што навредуваат врвни европски политичари и институции од типот на совет на Европа каде што Македонија е членка. СДСМ треба да се малку повнимателни заради меѓународниот углед на Македонија“, рече Николоски.