Обновата на А-интегрираната дозвола за „ТИТАН Усје“ отвора простор за граѓански услови, велат од „Стоп за Усје“

Обновата на А-интегрираната дозвола за „ТИТАН Усје“ отвора простор за граѓански услови, велат од „Стоп за Усје“

пред 3 часа

Граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“ ја информира јавноста дека започнува процесот на обнова на А-интегрираната еколошка дозвола за цементарницата ТИТАН Усје и ги повика граѓаните и стручната јавност активно да се вклучат во јавната расправа.

Во соопштението испратено до медиумите, иницијативата наведува дека работата на цементарницата е регулирана со А-интегрирана еколошка дозвола издадена од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), а рокот до кој компанијата треба да поднесе барање за обнова на дозволата за наредните седум години е 12 март 2026 година.

„Стоп за Усје“ смета дека токму во овој процес треба да се вградат нивните барања во новата дозвола, со цел, како што наведуваат, да се обезбеди поголема заштита на здравјето и животната средина во Скопје.

Од иницијативата посочуваат дека во моментов компанијата врши мерења и јавно објавува податоци само за две од вкупно 12 емисиони точки, што, според нив, не дава целосна слика за загадувањето.

Тие информираат дека по објавувањето на барањето за обнова на дозволата, МЖСПП, Град Скопје и ТИТАН Усје се законски обврзани да организираат јавна расправа, во рамки на која граѓаните ќе можат да дадат свои предлози и забелешки.

Според соопштението, во процесот на јавна расправа може да се влијае врз условите што ќе бидат вклучени во новата дозвола, како што се примената на најдобри достапни техники и технологии (BAT), видот на филтри, граничните вредности на емисии, параметрите што ќе се мерат, фреквенцијата на мерења и начинот на јавно објавување на резултатите.

Од „Стоп за Усје“ наведуваат дека МЖСПП има законска обврска јавно да соопшти кои предлози од јавната расправа ги прифаќа, а кои ги одбива.

„Ова е уште една причина зошто секој граѓанин, а особено еколошките експерти, професори, здруженија и активисти, мора активно да се вклучат во процесот на измени на А-интегрираната еколошка дозвола. Доколку и самото ТИТАН Усје кое тврди дека не е загадувач, туку дека одговорноста е кај граѓаните, има можност доброволно да ги прифати сите предлози што одат во насока на почиста животна средина и целосна транспарентност“, се додава.

Текстот Обновата на А-интегрираната дозвола за „ТИТАН Усје“ отвора простор за граѓански услови, велат од „Стоп за Усје“ е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top