Објавен новиот Европски Атлас на птици гнездилки, кој вклучува детални информации и за Македонија

пред 3 години

По четири години теренски истражувања и милиони податоци за распространувањето и гнездењето на птиците во Европа објавен е новиот Атлас на птици гнездилки. Ова издание на Атласот содржи и податоци за Македонија, собрани од експертите и волонтерите на Македонското еколошко друштво со значајна поддршка од странски орнитолози.

Низ цела Европа учествуваа преку 120.000 волонтери-истражувачи со што овој Атлас е еден од најголемите проекти за истражување на биолошката разновидност со вклученост на граѓаните. Теренските истражувања започнаа во 2013 година и траеја до 2017 година.

„Атласот е клучна публикација која ќе ја насочува идната работа за зачувување на птиците и природата во Македонија. Ќе ни помага подобро да ги разбереме промените во распространувањето на сите видови птици низ годините и ќе ни дава насоки каде во регионот треба да се спроведуваат активности за зачувување на птици и реставрирање на живеалишта“, изјави Данка Узунова, раководителот на овој проект за Македонија.

Теренските податоци покажуваат дека драстично се намалила бројноста на птиците од земјоделските површини а зголемена е бројноста на шумските птици и птиците кои се заштитени со меѓународни конвенции и легислатива. Најчестите причини за промените во распространувањето на птиците се пренамената на земјиштето и климатските промени. Дополнително, во последните 30 години гнездечки ареали на птиците во Европа се преместиле кон север во просек за 28 km (поместување од околу 1 km годишно).

Интересно е да се забележи дека повеќе од половина од птиците кои биле истражувани се среќаваат на само 10% од истражените територии т.е. имаат мало распространување со што се потврдува одговорноста која секоја земја ја има кон зачувување на биолошката разновидност.

Анализите покажуваат дека 35% од европските видови птици ја зголемиле својата гнездечка територија, како на пример жолтоглавата тресиопашка Motacilla citreola а 25% ја намалиле, како на пример градинарската стрнарка Emberiza hortulana.

Проектот немаше да успее без трудот на посветените истражувачи на терен, националните координатори, експертите кои придонесоа за анализа и презентација на податоците, донаторите и други поддржувачи.

Share
Scroll to Top