Огнената стихија се закани на Струмица: Пожарот стигна до куќите, пожарникарите спречија катастрофа

Огнената стихија се закани на Струмица: Пожарот стигна до куќите, пожарникарите спречија катастрофа

пред 3 часа

Пожар што денеска околу пладне избувнал во близина на Струмица, меѓу селата Водоча и Баница, брзо се проширил поради силниот ветер и сувата вегетација. Огнената стихија се приближила до домовите, но со брзата интервенција на пожарникарите било спречено ширење на огнот кон куќите и дворовите.

Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, изјави дека брзата реакција на струмичките пожарникари, со поддршка од колегите од Валандово и Радовиш, била клучна за спречување на поголема опасност.

Градоначалникот на Струмица, Петар Јанков, потврди дека Територијалната противпожарна единица веднаш излегла на терен, а дополнително биле повикани и екипи од Валандово и Радовиш.

„Пожарот, поради непредвидливото време, односно ветрот, постојано го менуваше правецот и се префрли од Водоча во правец на Баница, а потоа и од делот на Баница кон Струмица“, изјави Јанков.

Пожарникарите интервенирале во близина на домовите и спречиле поголема материјална штета. Во гаснењето се вклучени и бројни доброволни противпожарни единици од околните места.

На терен дејствува и авион „ер трактор“, кој треба дополнително да помогне во стабилизирање на состојбата. Ангажирана е и механизација за изработка на противпожарни препреки и за создавање заштитен појас.

Според Ангелов, пожарот зафатил голема површина, што ја прави ситуацијата сериозна поради близината на огнената линија до урбаното подрачје на Струмица.

Јанков вели дека во моментов нема опасност за куќите и викендичките, но предупредува дека состојбата може да се промени поради силниот ветер.

Во акцијата се вклучени и екипи на „Комуналец“ Струмица со механизација, кои помагаат во обезбедувањето дополнителни резерви со вода за пожарникарите. Поддршка дала и приватна механизација од општествено одговорни компании за создавање заштитен појас и спречување на натамошното ширење на пожарот.

Текстот Огнената стихија се закани на Струмица: Пожарот стигна до куќите, пожарникарите спречија катастрофа е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top