Одбележана 13-годишнината од хеликоптерската несреќа кај Блаце во која загинаа 11 војници

пред 4 години

Со полагање на свежо цвеќе на спомен-обележјата денеска беше одбележана 13-годишнината од хеликоптерската несреќа, во која враќајќи се од мировната мисија АЛТЕА во Босна и Херцеговина, трагично загинаа единаесет припадници на Армијата на Република Северна Македонија.

Со едноминутно молчење и венци со свежо цвеќе, на спомен-обележјето кај катлановско Блаце почит на загинатите, покрај членовите на нивните семејства, оддадоа и делегации од Министерството за одбрана и Генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија.

Во согласност со протоколот на Комисијата за заштита од заразни болести за заштита и спречување на ширењето на „Ковид-19“, пред спомен-обележјето во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец, годишнината од хеликоптерската несреќа беше одбележана од страна на воздухопловниот ВИНГ и семејствата на загинатите.

Во чест на единаесеттемината загинати припадници, комеморативна церемонија се одржа и во кампот Бутмир во Сараево, Босна и Херцеговина каде нашите мировници беа дел од мисијата „АЛТЕА“.

Армискиот хеликоптер Ми-17 враќајќи се од мировната мисија АЛТЕА се урна на 12 јануари 2008 година кај Блаце при што трагично ги изгубија животите: потполковник Тони Спасовски, мајор Горан Ристовски, капетаните Бране Спасовски и Игор Ѓорески, наредниците Славчо Василев и Тони Давитковски, постарите водници Јанко Шириќ и Александар Тасковски, водниците Мики Ивановски и Александар Васиќ и десетарот Златко Вељаноски.

Share
Scroll to Top