Одобрена финансиска поддршка од 50 милиони денари за радијата и телевизиите

пред 3 години

Владата во рамки на 48-мата седница денеска донесе одлука за одобрување на средства од буџетот во износ од 50.000.000 денари на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ), како поддршка за справување со кризата предизвикана од коронавирусот.

Како што информираат од владината прес-служба, овие средства се наменети заради реализација на мерка три од петтиот пакет економски мерки, со која ќе се обезбедат средства за финансиска поддршка на радиодифузерите за надомест на средства платени по основ на такси, давачки и надоместоци за вршење радиодифузна дејност и кои се документирани во финансиската евиденција на АВМУ.

Притоа, се задолжува Генералниот секретаријат на Владата, средствата од оваа одлука да ги уплати на наменска сметка на АВМУ.

Согласно одлуката, овие средства Агенцијата треба да ги искористи исклучиво за намената за која што се доделени, односно заради надоместување на средствата кои не се реализирани по основ на наплата на такси, давачки и надоместоци за вршење радиодифузна дејност и кои се документирани во нејзината финансиска евиденција.

За искористувањето на средствата Агенцијата ќе треба да достави извештај до Владата, во рок од 15 дена од завршување на активностите.

Во извештајот, ќе биде потребно поединечно да се набројат секој од радиодифузерите со висина на надоместокот кој го должел и е покриен со средствата од оваа одлука, како и бројот на фактура со кој истиот бил задолжен.

Агенцијата е должна да достави примерок од извештајот и до Управата за јавни приходи за потребите на системот на данокот на додадена вредност и реализација на целите на данокот на додадена вредност.

При утврдени неправилности и ненаменско користење на средствата потребно е АВМУ средствата да ги врати во буџетот.

Share
Scroll to Top