Одржана тркалезна маса на тема „Воведување на уставна жалба“ во Уставниот суд

Одржана тркалезна маса на тема „Воведување на уставна жалба“ во Уставниот суд

пред 2 часа

Во Уставниот суд денеска се одржа тркалезна маса на тема „Воведување на уставна жалба“, организирана со поддршка на Делегацијата на Европската Унија во Скопје. На настанот воведно излагање имаа претседателот на Уставниот суд, д-р Дарко Костадиновски, претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, амбасадорот на Европската Унија, Михалис Рокас, амбасадорот на ОБСЕ во Скопје, Килијан Вал, како и претставници на институции, експертската и академската јавност.

Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, ја истакна потребата од поддршка за донесување на Закон за Уставниот суд, како и нужноста од уставни измени со кои ќе се прошират надлежностите на Судот во заштитата на правата на граѓаните.

„ Уставната жалба е заедничка точка на институционален дијалог. Патот на разумот е еден. На тој пат соговорниците или ќе се сретнат, или ќе се разминат. Драго ми е што денес, по клучните прашања за развојот на уставното судство, со претседателот на Владата суштински се сретнавме токму на патот на разумот. Искрено, се надевам дека оваа средба и денешните диксусии се чекор кон подобри времиња за уставното судство. Денес имав можност со претседателот на Владата да разговарам за потребата од подлабока институционална реформа на Уставниот суд. Посебно беше отворено прашањето за донесување на Закон за Уставниот суд, заснован врз уставен основ и со двотретинско мнозинство, беше отворено и прашањето за воведување на уставната жалба. Времето за ваков исчекор одамна е дојдено. Продолжувањето на status quo состојбата може да создаде простор за појава на претеран судски активизам, кој во одредени околности би можел да доведе до нарушување на рамнотежата меѓу властите, или т.н “судокаратија”.“, изјави Костадиновски.

Во рамки на настанот, претседателот на Судот, Костадиновски оствари билатерална средба со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, на која беше отворено прашањето за подлабока институционална реформа на Уставниот суд. Притоа беше нагласена потребата од донесување на Закон за Уставниот суд, заснован врз уставен основ и со двотретинско мнозинство, како и воведување на уставната жалба.

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, изрази поддршка за проширување на корпусот на уставни права кои би ги штител Уставниот суд.

„Законот за Уставниот суд и уставната жалба, согласни сме со Костадиновски, дека е потребен, но за тоа е потребна промена на Уставот и кај нас тоа е болна тема и кога ќе се спомне тоа, нè потсетува на болни работи од минатото…Апсолутно се согласувам со уставната жалба, но најдобро е да се создадат услови за промена на Уставот за да не ја вознемириме и така вознемирената јавност. Во услови кога треба да се консолидираме и во услови на светска криза, имаме уште еден предизвик да враќаме солидарен данок што некој го собрал, а ние сега дојде време да го враќаме. Но, покрај владеење на правото, мора да се има разбирање и за општествените текови и процеси“, изјави Мицкоски.

Амбасадорот на Европската Унија, Михалис Рокас, нагласи дека Уставниот суд има клучна улога како чувар на Уставот и заштитник на човековите права, при што неговата независност е од суштинско значење за владеењето на правото и европската перспектива на државата.

„Уставниот суд не е само уште една институција во демократскиот систем, туку е вистински чувар на Уставот и арбитер на законитоста во државата. Пред се’ заштитник на основните права и слободи на сите граѓани и целосно се согласувам со вас дека неговите надлежности, автономноста, независност се исклучително важни за владеењето на правото на државата, меѓутоа и за сопствениот напредок на државата кон членството на Европската унија, бидејќи тоа ни е заедничка цел. Со колективното делување и со фактот што Уставниот суд сега веќе има отворени дебати на коишто учествува и јавноста, значи дека правдата и владеењето на правото ја доближуваме до јавноста. Сакам да Ви честитам на тоа претседателе и тоа е единствениот начин да се оди напред, бидејќи нема едно магично решение коешто одговара на сите, вклучително и за Уставната тужба. Сите добро знаеме дека во ЕУ постојат различни држави коишто имаат различни системи и коишто на различни наачини го решаваат ова. Но, не сакаме да промовираме еден единствен модел, но сакаме да имаме иста цел – луѓето да имаат исти права и пристап до уставна правда – изјави амбасадорот Рокас.

Амбасадорот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Килијан Вал, истакна дека реформите во оваа област бараат време, потенцирајќи дека Уставниот суд веќе бележи значајни исчекори, вклучително и зголемена транспарентност преку пренос на седниците во живо, што придонесува за поголема доверба во јавноста.

„Кога ја примив поканата да се обратам денес, ми дојде на ум една германска поговорка: „Gut Ding will Weile haben“.
Нејзиниот превод би бил: „Добрите работи бараат време“ или „Рим не е изграден за еден ден“.

Мисијата на ОБСЕ во Скопје повеќе од една деценија тесно соработува со Уставниот суд. Оваа соработка е насочена кон зајакнување на улогата на Судот во заштитата на уставниот поредок и поддршка на заштитата на човековите права, во согласност со заложбите на ОБСЕ.

Со текот на годините, нашите заеднички напори се фокусираа на унапредување на професионалните капацитети, поддршка на примената на европската судска пракса во областа на човековите права и поттикнување дијалог за клучни прашања поврзани со владеењето на правото.

Уставниот суд во последните години покажа значајни исчекори. Тие вклучуваат повеќе напредни одлуки, зголемена употреба на издвоени мислења, како и конкретни чекори за зголемување на транспарентноста – како што е воведувањето на пренос на седниците во живо.

Овие развои придонесуваат за поголема отвореност и доверба во јавноста и одразуваат позитивна институционална насока.

Тие, исто така, укажуваат дека Судот е добро позициониран да продолжи со зајакнување на својата улога како клучен чувар на уставните права, изјави амбасадорот Вал.

Настанот се организираше со поддршка на Делегацијата на ЕУ, во рамки на проектот финансиран од Европската Унија „Зајакнати капацитети на Уставниот суд за оценување на уставноста и законитоста на донесените нормативни акти и заштита на основните права“, на темата: „Воведување на уставна жалба?“

Текстот Одржана тркалезна маса на тема „Воведување на уставна жалба“ во Уставниот суд е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top