Општина Битола ќе ја поддржи реконстуркцијата на планинарскиот дом „Копанки“

пред 4 години

На иницијатива на градоначалникот Тони Коњановски и претседателката на советот Габриела Илиевска, во соработка со членовите на ПСК Пелистер денес се одржа работна средба и дружење на Копанки. На средбата која беше отворена и за сите заинтересирани граѓани на Битола, беа потенцирани идните планови на општината кои се однесуваат на обнова на Планинарскиот дом „Копанки“.

„Со уважувањето на жалбата на Здружението планинарски спортски клуб „Пелистер“ од страна на Вишиот управен суд, поништени се решенијата кои во изминатиот период беа донесени од Општина Битола и Министерството за транспорт и врски, со кои беше оневозможено обновувањето на планинарскиот дом „Копанки“. Со тоа, оваа постапка е завршена, а согласно законската регулатива, локалната самоуправа ќе даде поддршка за обнова на објектот, кој е еден од симболите на Битола, изграден во далечната 1938 година. Место кое со децении било спој на различни генерации, создавало спомени, а нудело и големи можности за развој на зимските спортови. Ова што денес го гледаме, до оваа фаза до која е донесен објектот, е одраз на силна љубов и ентузијазам, прво, на едно од најстарите планинарски друштва во Битола, а потоа и на голем број граѓани“, изјави градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски.

На средбата на „Копанки“, на која присуствуваа и советниците од Советот на Општина Битола, јавноста беше информирана, дека со преземањето на иницијалните чекори започнува реализацијата на проектот.

„Копанки е на сите и ќе биде за сите нас. Она што неодамна го ветивме од денес започнува да се реализира. Денес сме тука за да најавиме дека Копанки ќе се реконструира во првата година од формирањето на советот, односно во буџетот на Општина Битола за 2022 година се предвидени средства за обновување на Планинарскиот дом Копанки. Проектот кој беше само во програмата на Поинаку и за кое решавање се залагавме во Советот, од денес, станува реалност“, изјави Иван Чулаковски, советник во Советот на Општина Битола.

Share
Scroll to Top