Оризопроизводителите ќе може да набавуваат комбајни, средствата се од програмата за рурален развој

пред 4 години

Од денеска па се до 15–ти април, сите земјоделци кои имаат минимум 1 хектар со ориз, ќе можат да аплицираат за набавка на комбајни со сецкалица. Новата мерка наменета за оризопроизводителите во Кочани ја претставија директорите на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Никица Бачовски и директорот на водостопанство подружница „Брегалница“ Дени Митров.

Средствата за поддршка на оваа мерка се обезбедени од програмата за рурален развој а право на аплицирање имаат сите земјоделски стопанства кои се впишани во Единствениот регистар на земјоделски стопанства а се индивидуални земјоделци кои се носители на земјоделско стопанство или пак се носители на земјоделско стопанство а со земјоделство се занимаваат како дополнителна дејност. Директорот Бачовски, ги информираше присутните дека за оваа мерка може да аплицираат и сите трговци поединци и трговски друштва како и земјоделски задруги кои се впишани во регистарот на задруги.

„Аплицирањето се врши електронски преку веб страната е- baranje.ipardpa.gov.mk. Вкупната прифатлива сума по корисник е до 3.5 милиони денари а поддршката се исплаќа по принцип на кофинансирање на реализирани и исплатени инвестиции од страна на корисникот во висина од 50 % од вредноста на одобрените прифатливи трошоци. Средствата се доделуваат за период на реализација на деловниот план и се исплаќаат на годишно ниво.Ставката на кофинансирање се зголемува на 55 % ако носител е млад земјоделец од 18 до 40 годишна возраст. 60 проценти поддршка ќе добијат сите кои работат во места со ограничени можности, 65% поддршка ги следува сите кои на денот на аплицирање имаат од 18 до 40 години и обработуваат површина во ограничени можности, додека 75 % кофинансирана сума ги следува сите кои имаат површини во недостапни средини“, истакна Бачовски.

Според директорот на А.Д. Водостопанство „Брегалница “ Дени Митров, оваа мерка е добредојдена за земјоделците, и во голема мерка ќе им ја олесни работата.

Преку овие инвестиции се влијае во намалувањето на производните трошоци и загубите а се помага врз зголемување на квалитетот и приближување на достигнувањето на стадардите во Европа. Агенцијата и Владата ќе продолжат да креираат мерки кои ќе го осовременуваат домашното земјоделство и позитивно ќе влијаат на конкурентноста и квалитетот на домашно произведени земјоделски култури, информираат од Агенцијата.

Share
Scroll to Top