Османи во САД на Генералното собрание на Обединетите нации

пред 3 години

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, претстојната недела ќе патува во САД, каде ќе учествува на Генералната дебата на 76. сесија на Генералното собрание на Обединетите нации.

Во рамките на посетата предвидени се средби и со високите претставници на администрацијата на САД, а во Агендата на Османи се повеќе билатерални средби со хомолози од географски подалечни држави.

Во истата насока, предвиден е и посебен настан за воспоставување на дипломатски односи меѓу Северна Македонија и Филипини.

Во рамките на Генералното собрание, Османи ќе учествува и на бројните состаноци на високо ниво, како што е состанокот на Заедницата на демократии, Алијансата за мултилатеризам и на Конференција за поддршка за влегување во сила на Договорот за сеопфатна забрана за нуклеарни тестирања.

Меѓу другите, Османи ќе учествува и на средбата со Генералниот Секретар на ОН, Антонио Гутереш, како и ќе присуствува на обраќањето на Претседателот Стево Пендаровски на Генералната дебата.

Посетата на Министерот на Обединетите нации, ќе се искористи и за натамошно промовирање на заложбите на нашата земја, но и на нашите партнери ЕУ и САД, за поддршка на ефективниот мултилатерализам, информира Министерството за надворешни работи.

Share
Scroll to Top