Османи: ЕУ не смее повеќе да го третира пристапниот процес на Западен Балкан како отворено прашање

пред 2 години

Во рамки на учеството на министерот за надворешни работи, Бујар Османи на Анталија дипломатскиот форум денеска се обрати на панелот насловен „Дијалог за помирување на Балканот“.

Учесниците на панелот дискутираа за мирот и стабилноста на Балканот како суштински за мирот и стабилност во Европа и пошироко, за исчекор во однос на нерешените прашања, но и за последиците доколку ЕУ не успее навремено да одговори на очекувањата на земјите од регионот.

Во својот настап, министерот Османи зборуваше за влошената безбедносна и гео-политичка ситуација на Европскиот континент по инвазијата на Русија врз Украина, што претставува дополнителен фактор зошто ЕУ треба итно и без одлагање да вбризга нов подинамичен моментум во евро-интеграцискиот процес на сите земји од Западен Балкан.

Меѓу другото, Османи истакна дека регионот, и покрај демократските дефицити и слабости има важна улога во и за Европа. Целосното интегрирање е од директен политички, безбедносен и економски интерес на ЕУ како геостратешка инвестиција кон стабилен и просперитетен регион. Впрочем, регионот е опколен со земји членки на ЕУ и не смее да се дозволи да биде ранливата точка на континентот, а ЕУ не смее повеќе да го третира пристапниот процес на Западен Балкан како отворено прашање.

Форумот претставува годишен собир на политички лидери, високи функционери, видни академци, креатори на јавното мислење, претставници на медиумите и бизнисот ангажирани во меѓународните односи и дипломатијата. Овогодинешното издание се осврна широк распон на теми и на светските случувања, вклучително и Украина.

Share
Scroll to Top