Османи: НАТО е незаменлив фактор за нашата безбедност

пред 3 години

Министерот за надворешни работи Бујар Османи, учествуваше на видео-конференција на состанокот на министри за надворешни работи на Северно-Атлантскиот Совет на НАТО.

„НАТО е незаменлив фактор за нашата безбедност, заради што особено важно е приспособување на Алијансата кон новите закани на начин што би ја зајакнал политичката кохезија, а демонстрирање на единство и солидарност е од витално значење за справување со предизвиците што се производ на глобалните безбедносни промени“, истакна Османи.

Во своето обраќање министерот се осврна и на потребата од засилена соработка на НАТО и ЕУ во насока на градење на регион на Западен Балкан отпорен на безбедносните закани и надворешни влијанија, што е особено значајно во контекст на гарантирање на неповратниот карактер на европските и евро-атлантските процеси.

„Јасната европска и евро-атланска перспектива за земјите од Западен Балкан мора да биде континуиран двигател за иднината на регионот“, потенцираше Османи.

Главна тема на министерскиот состанок беше агендата НАТО 2030, односно заокружување на преговорите поврзани со решенијата што треба да бидат усвоени на наредниот Самит за идното адаптирање на Алијансата кон новото стратешко опкружување, а со порака дека Алијансата е обединета во светло на растечките предизвици на денешницата и геополитичко ривалство, како и дека колективната одбрана останува врвен приоритет.

Инаку, министерскиот состанок на Северно-Атланскиот Совет на НАТО се одржа во пресрет на НАТО Самитот закажан за 14 јуни во Брисел, што ќе претставува прво наше учество на лидерски состанок на Алијансата во својство на полноправна земја членка.

Share
Scroll to Top