Османи на министерскиот состанок за интеграција на Ромите во рамките на Берлинскиот процес

пред 3 години

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, во улога на копретседавач со Берлинскиот процес имаше воведно обраќање на министерскиот состанок посветен на интеграцијата на Ромите кој се одржa во Тирана во дигитална форма.

„ Минатата година, на иницијатива на Северна Македонија беше донесена Декларацијата на земјите од Западен Балкан за интеграција на Ромите во рамките на процесот на проширување кон ЕУ. Ме прави особено горд фактот што една година подоцна, во рамките на нашето заедничко претседателство со Бугарија со Берлинскиот процес правиме пресек на постигнатите резултати од имплементацијата на оваа Декларација и ги дискутираме натамошните активности“, нагласи Османи.

„ Ромите се интегрален дел од нашите општества, без никакви изговори мора да преземеме конкретни политички и правни мерки за што поголема нивна вклученост во сите општествени збиднувања. ЕУ интеграцијата е заеднички пат, и Ромите не смеат да бидат оставени настрана. Како земји аспиранти за членство во ЕУ мора да демонстрираме успешен регионален концепт за интеграцијата на Ромите со видлив напредок во областите на образование, вработување, здравство и домување кај Ромите“, истакна Османи во своето обраќање.

Мнистерскиот состанок со воведни обраќања го поздравија и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји и претседателот на Владата на Албанија, Еди Рама.

Заклучоците од овој состанок се планира да се вклучат во завршните документи на Самитот на Берлинскиот процес кој ќе се одржи на 10 ноември во Софија.

Share
Scroll to Top