Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, учествуваше на состанокот на министрите за надворешни работи на Западен Балкан и „Пријателите на Западен Балкан“ во процесот на проширување на ЕУ, што се одржа во Виена и Вахау, на покана на министерот за надворешни работи на Австрија, Александер Шаленберг.
Во неговите обраќања на двете работни сесии, „Поплочување на патот за пристап на Западен Балкан во ЕУ преку постепена интеграција“, и „Проширување на ЕУ со Западен Балкан: Време е да се оствари!“, Османи истакна дека квалификуваното мнозинство за отворање поглавја како и постепената интеграција пред членството се решенија за последиците на одолговлекувањето на процесот на проширување на Унијата со земјите од Западен Балкан.
„Треба да го промовираме овој нон-пејпер за квалификувано мнозинство за европеизација. За членство можеме да ја задржиме едногласноста засега, бидејќи тоа носи одредена доверба во Европската унија, но отворањето на поглавјата, Привремените одредници треба да бидат предмет на квалификувано мнозинство“, истакна Османи.
Министерот ја елараборираше неопходноста од постепена интеграција:
„Мислам дека изворот на фрустрација е процесот што е бинарен: нула или се, се или ништо. Не добивате ништо додека не станете земја-членка, а добивате сè откако ќе станете земја-членка. Ова ги фрустрира земјите-членки. Ова не фрустрира нам. Треба да направиме промена на парадигмата, од моментот на членството, кон самиот процес, па да почнеме да се интегрираме во процесот на патот кон членството, во три траектории: единствен пазар, политички форуми и кохезивни и структурни фондови“.
Воедно, Османи изрази благодарност кон земјите-членки на Унијата, соседи и пријатели на Западен Балкан за конзистентната поддршка за што побрза и целосна интеграција на регионот во Унијата, нагласувајќи притоа дека истата претставува геостратешка инвестиција во мирот, безбедноста, стабилноста и просперитетот на целиот континент.
Текстот Османи на средба на министрите за надворешни работи на Западен Балкан и Пријатели на Западен Балкан во Виена е превземен од МАКФАКС.