Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, учествуваше на основачкиот Самит на Кримската платформа, што се одржа во Киев, Украина. На настанот беа претставени повеќе од четириесет земји на високо и највисоко ниво, меѓу кои голем број земји членки на ЕУ и НАТО, како и високи претставници на меѓународни организации.
Министерот Османи во своето обраќање ја реафирмираше недвосмислената поддршка на Република Северна Македонија за суверенитетот, територијалниот интегритет и неповредливоста на границите на Украина, подвлекувајќи ја важноста од заштита на човековите права и меѓународното хуманитарно право.
„ Република Северна Македонија го поздравува одржувањето на Самитот за Кримската платформа иницирана како меѓународен координативен механизам за повторно разгледување на прашањето за Крим, со нагласување на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, потпирајќи се на нормите на меѓународното право, резолуциите на Генералното собрание на ОН и одлуките на другите меѓународни организации” истакна Османи.
Во рамки на настанот, беше усвоена Заедничка декларацијата на учесниците на меѓународната платформа за Крим, на која се придружи и Република Северна Македонија.