Утре во 12 часот, во Музејот на Република Северна Македонија ќе биде отворена изложбата „Нематеријалното културно наследство на Словенија во светлото на конвенцијата на УНЕСКО“.
Со презентирањето на оваа изложба ќе биде означен почетокот на одбележувањето на Европските денови на културното наследство во нашата земја. Манифестацијата ќе трае до 28 септември, а повеќето активности што ќе се организираат во повеќе градови и села се поврзани со темата „Културното наследство за сите“ и со Европската година на железниците.
Изложбата се реализира во соработка со Словенскиот етнографски музеј од Љубљана. Автори на изложбата се д-р Нена Жидов и м-р Ања Јерин. На дваесет и седум паноа се презентирани шеесет и седум нематеријални културни елементи од Националната листа на нематеријално културно наследство на Словенија. Четири од овие елементи се впишани и на Репрезентативната листа на нематеријалното наследство на човештвото на УНЕСКО.