Отворена канцеларија на Граничната меѓуагенциска единица

пред 2 години

Денес, на Меѓународниот аеродром Скопје свечено беше отворена канцеларијата на Граничната меѓуагенциска единица, поддржана од Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал (UNODC).

Граничната меѓуагенциска единица составена е од високо квалификувани царински и полициски службеници со посебни овластувања, чија примарна задача и цел ќе биде таргетирање и справување со случаи на сомнителни патници и пратки од воздушниот сообраќај.

На свеченото отворање на Канцеларијата, се обратија заменик претседателот на Владата г-ѓа Славица Грковска, министерот за внатрешни работи г. Оливер Спасовски, директорката на Царинска управа г-ѓа Славица Кутиров, директорот на ТАВ Македонија г. Метин Батак и шефот на регионалната Канцеларија на Обединетите нации за дрога и криминал г. Бил Вуд.

Директорката на Царинската управа, во своето обраќање истакна дека воспоставувањето на Граничната меѓуагенциска единица е резултат на долготрајната и посветена соработка помеѓу Царинската управа и Министерството за внатрешни работи и Граничната полиција.

Преку спроведување на процедури базирани на примена на анализа на ризиците, оваа единица ќе работи на откривање и пресретнување на патници и стоки со висок ризик, како поддршка на службите со посебни овластувања во Царината и МВР при спроведувањето на активностите за справување со сите форми на недозволена трговија, криминални и коруптивни дејства.

За успешното формирање на оваа единица, директорката изрази благодарност за поддршката од Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал – UNODC и ТАВ Македонија.

Во знак на добрата соработка и одбележувањето на јубилејот 30 години Царинска управа, на зелениот коридор пред влезот на Аеродромската зграда симболично беа засадени три дрвца, од страна на Царинската управа, Министерството за внатрешни работи и ТАВ Македонија.

Share
Scroll to Top