Патувачкото кино на „МакеДокс“ минатиот викенд (9 и 10 јули) беше во Кочани и Оризари. Со тоа се изодени три-четвртини од годинашното патешествие. Следниот кино-викенд на Патувачкото кино ќе се одржи на 3 и 4 септември во Виница и с. Пекљани, а во меѓувреме, од 19 до 26 август, ќе се одржи 12. издание на фестивалот „МакеДокс“ во Скопје.
Проекцијата на Патувачкото кино во Кочани се одржа во паркот пред Домот на културата „Бели мугри“, непосредно до течението на Кочанска река. Паркот е вечерно шеталиште на жителите на градот и тие сосема спонтано ја пронајдоа локацијата на која беше поставено филмското платно. Кочани има убава традиција на урбана култура. Меѓу најпознатите културни настани е Драмскиот аматерски театар (ДАФ), што веќе 58 години се организира во Кочани. Патувачкото кино на „МакеДокс“, практично беше дел од тридневна културна програма во која, покрај проекцијата на документарни филмови, беше отворена ретроспективна изложба на македонски носачи на звук, концерт на групата „Суперхикс“ и летна регионална берза на винили, со што Кочани минатиот викенд беше културен центар на Истокот.
Непосредно до Кочани се наоѓа Оризари. Дури откога пристигна во местото екипата на Патувачкото кино сфати една своја ненамерна грешка најавувајќи ја проекцијата во „село“ Оризари. Имено, оваа населба веќе има добиено градски и урбан лик. Манирите на благородна скромност и пријатна гостољубивост се дел од карактерот на мештаните. Децата од Оризари први го изразија своето искрено љубопитство и го „окупираа“ дворот на детската градинка „Кокичиња“, каде се одржа проекцијата. За мештаните на Оризари не е новост да бидат присутни на кинопроекција, бидејќи и самите имаат киносала во здружниот дом, но нивното кино не работи веќе со години, а Патувачкото кино на „МакеДокс“ беше можност барем во една вечер да се потсетат на некои минати времиња. Во реализацијата на проекцијата екипата на „МакеДокс“ имаше срдечна поддршка и од основното училиште „Крсте П. Мисирков“ во Оризари.
Следниот кино-викенд на Патувачкото кино ќе се одржи на 3 и 4 септември во Виница и с. Пекљани, а во меѓувреме, од 19 до 26 август, ќе се одржи 12. издание на фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ во Скопје. На вебсајтот и на ФБ-профилот на „МакеДокс“ веќе може да се најдат отворениот повик за волонтери, како и повикот за продуценти/автори на документарен филм за учество на МакеКоПроДокс форумот за 2021 година.
Патувачкото кино на МакеДокс 2021 е поддржано од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија, Општина Кратово, Општина Кочани, Општина Штип, Општина Виница и Центарот за развој на Источен плански регион.
Медиумски покровители на Патувачкото кино и фестивалот „МакеДокс“ се Слободен печат, Нова Македонија, МКД.мк, УМНО, СДК.мк, Плус Инфо, Окно, Офф.нет, Е-Магазин, Радио МОФ, Радио Џез ФМ, Радио Канал 103, Радио Антена5, Радио Бубамара, Лајф Радио, Плагиј.ат, Его, Поп-ап, Види Вака, Гледај.мк, Лице в лице.