Пендаровски – Ангеловска-Бежоска: Успешно се одржува макроекономската стабилност, економијата постепено закрепнува

пред 3 години

Проекциите на Народната банка, коишто се многу блиску до проекциите на меѓународните финансиски институции, упатуваат на натамошно постепено закрепнување на македонската економија – за следната година се очекува раст од 3,9%, со што би се достигнало и би се надминало преткризното ниво на економски раст. Сепак, постојат ризици поврзани пред сѐ со натамошниот развој на пандемијата со појавата на новите соеви, што бара внимателно следење на состојбите во економијата и навремена реакција од носителите на политиките, доколку е потребно. И во периодот на справување со пандемијата, спроведувањето на структурните реформи е од исклучителна важност, бидејќи тие се предуслов за одржлив и повисок економски раст.

Ова се дел од констатациите коишто беа изнесени на редовниот работен состанок меѓу претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски и гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска. На состанокот на којшто учествуваа и вицегувернерите на Народната банка и претставници на експертскиот тим на претседателот се разговараше за економските остварувања оваа година и очекувањата и оцените на Народната банка за следниот период, согласно со најновите проекции.

Гувернерката се осврна и на очекуваната структура на економскиот раст, при што посочи дека и натаму се оценува дека тој ќе произлегува од домашната побарувачка.

„И во овој период на справување со пандемијата, не треба да заборавиме на структурните реформи, коишто се клучни за економијата. Натамошно спроведување на структурните реформи е особено важно за да се зголеми долгорочниот потенцијал на македонската економија, да се намали ранливоста и следствено на тоа, да се зголеми просторот на политиките за подобро справување со идни шокови. Во услови кога просторот за реакција на макроекономските политики е намален, потребно е фокусот да се стави на целни политики и мерки коишто ќе ја поддржат посткризната трансформација на економијата.“ – нагласи меѓу другото, Ангеловска-Бежоска.

На состанокот беше истакнато дека е мошне важно што Народната банка постојано внимателно ги следи движењата и ризиците, и како независна и професионална институција, постојано е подготвена доколку е потребно, соодветно да реагира во рамките на своите надлежности, заради постигнување макроекономска стабилност и поддршка на македонската економија, притоа успешно остварувајќи ги своите законски цели и задачи.

Во разговорот, одделно беше нагласено дека во сиот тек на кризата, од исклучително голема важност е одржаната стабилност на банкарскиот систем, којшто обезбеди поддршка за економијата, а од него се очекува поддршка на економскиот раст и во следниот период, имајќи ја предвид и неговата отпорност на шокови, покажана на последните стрес-тестирања. Конкретно, кредитната поддршка за економијата и натаму е солидна, со раст којшто за оваа година би изнесувал околу 7% и постепено би забрзал достигнувајќи околу 8% на среден рок. Слични се очекувањата и за движењето на депозитите.

Истовремено, на состанокот се отворија прашања и за активностите коишто Народната банка ги планира за следниот период, за заштита на потрошувачите корисници на финансиски услуги и за финансиска едукација и за очекуваните ефекти од носењето нов Закон за платежни услуги и платни системи.

Share
Scroll to Top