Пендаровски брифиран за подготвеноста на Армијата: Успешна прва година од членството во НАТО

пред 2 години

Пред претседателот, Стево Пендаровски, денеска во Домот на Армијата во Скопје се презентираше состојбата со борбената подготвеност на Армијата во тековната година, што е редовна обврска на началникот на Генералштабот кон врховниот командант.

На брифингот, од страна на началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски и директорот на Генералштабот, генерал-мајор, Зоран Милески, пред претседателот Пендаровски, министерката за одбрана Радмила Шекеринска, генералите во Армијата и претставници од кабинетите на претседателот и министерството за одбрана, беше претставена состојбата и реализацијата на планираните активности во функционалните области, кои се дел од борбената готовност.

Генералот Ѓурчиновски во своето излагање ја истакна подготвеноста на командите и единиците на Армијата за реализација на сите активности од планираната динамика во процесот на достигнување на целите на способност на НАТО.

Во својот осврт на годината што измина министерката Радмила Шекеринска потенцираше дека во 2021 година беше одбележана првата годишнина од членството во НАТО и дека Северна Македонија успешно го положи тестот од првата годишнина како членка на Алијансата.

„Вредно работевме и на воената интеграција и ја завршивме во рекордно време за само 19 месеци, со што станавме препознатливи како држава во НАТО која најбрзо ја заврши воената интеграција. Брзото завршување на воената интеграција е континуитет на успешната политика во Министерството за одбрана која почна со зголемувањето на буџетот, набавките на нова опрема, членството во НАТО и севкупното зајакнување на капацитетите на Армијата“, рече министерката, која посочи и дека оваа година нашето небо стана дел од системот за воздушно патролирање на Алијансата.

Шекеринска нагласи и дека веќе се избрани и првите пет офицери кои ќе не претставуваат во НАТО командната структура во Измир, Монс и Брисел и е започната селекција на дополнителни седум.

„Ја зајакнавме со персонал и Постојаната делегација на Северна Македонија во НАТО како и Канцеларијата за врски во SHAPE. Разбирајќи ја опасноста од современите безбедносни предизвици, потпишавме Меморандум за соработка со НАТО во доменот на сајбер безбедноста, а соработка во оваа област остваруваме и со нашиот стратегиски партнер САД“, додаде министерката.

Во заклучното излагање, претседателот и врховен командант, Стево Пендаровски, пред учесниците на брифингот го изрази своето задоволство од професионалноста, посветеноста и покажаната пожртвуваност на припадниците на Армијата во справувањето со пандемијата и пожарите низ земјата.

Share
Scroll to Top