Претседателот Стево Пендаровски денеска ги додели медалите и пехарот на победниците на 34. Охридски пливачки маратон.
Францускиот пливач Аксел Рејмонд во машка и француската пливачка Ошан Касињол во женска конкуренција се победници на 34. Охридски пливачки маратон, кој се одржа под покровителство на Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски.
![]()
Маратонската трка, на која стартот го означи претседателот Пендаровски, започна од манастирскиот комплекс „Св. Наум“, а заврши на градското пристаниште во Охрид. На 25 километри долгата патека „Климе Савин” се натпреваруваа вкупно 19 пливачи, 12 во машка и 7 во женска конкуренција, меѓу кои македонските пливачи Евгениј Поп Ацев, кој го освои третото место и Александар Илиевски и Леонид Мишевски.
![]()
По пристигнувањето на целта на Охридското пристаниште, претседателот Пендаровски, доделувајќи им венци на победниците, им ја честиташе победата и им посака добро здравје и уште многу натамошни успеси. На церемонија за доделување на медалите, претседателот Пендаровски ги додели медалите и пехарот на победниците на 34. Охридски пливачки маратон.
Охридскиот пливачки маратон е редовна трка од светската серија на ултра маратони на (ФИНА) – Светската пливачка федерација, која се одржува под покровителство на Претседателот на Република Северна Македонија.




