Претседателот Стево Пендаровски, кој престојува во посета на Италија и Светата Столица, по повод манифестацијата „Македонија во чест на Св. Кирил“, денеска имаше аудиенција кај поглаварот на Римокатоличката црква, Папата Франциск.
На средбата, Пендаровски му подари дрес на Папата со неговото име напишано на кирилица.
Од Кабинетот на претседателот соопштија дека на средбата биле истакнати одличните билатерални односи меѓу Република Северна Македонија и Светата Столица, кои се темелат на длабоки историски врски, споделени духовни и културни вредности и традиции.
„Претседателот Пендаровски го реафирмираше интересот за продлабочување на односите со Светата Столица, во сите сфери од заеднички интерес и го истакна значењето на католичката заедница во Северна Македонија и нејзиниот придонес во нашето општество. Претседателот Пендаровски посочи и на значењето што нашата држава го придава на промовирањето на меѓурелигискиот дијалог и почитувањето на верските слободи“, се наведува во соопштението.