Пендаровски: Остануваме посветени на европската агенда и очекуваме скор почеток на преговорите

пред 3 години

Претседателот Стево Пендаровски денеска ја прими Ана Лирман, државна министерка за Европа во германското министерство за надворешни работи.

Честитајќи ѝ за преземањето на функцијата, Пендаровски оцени дека посетата на министерката Лирман набрзо по нејзиното именување, ја демонстрира јасната посветеност на германските власти за аспирациите на државите од Западен Балкан за членство во Европската Унија. Пендаровски се заблагодари што проширувањето на Европската Унија и Западниот Балкан се меѓу клучните приоритети на новата Влада на канцеларот Олаф Шолц.

Претседателот истакна дека Република Северна Македонија останува посветена на европската агенда и го реафимираше очекувањето за скорешен почеток на пристапните преговори за членство во Европската Унија. Во таа насока, Пендаровски посочи на подготвеноста на нашата држава за продолжување на дијалогот со Република Бугарија, во духот на добрососедските односи, со цел надминување на блокадата во однос на европските интеграции.

Во контекст на билатералните односи, Пендаровски оцени дека Германија е клучен политички и економски партнер на земјава и еден од најзначајните трговски партнери во годините наназад. Претседателот Пендаровски изрази очекување за натамошно јакнење на пријателството и партнерството меѓу двете држави, вклучувајќи го сојузништвото во НАТО, како и очекување за натамошно зголемување на трговската размена.

Share
Scroll to Top