Претседателот Стево Пендаровски денеска имаше средба со претседателот на Големото национално собрание на Турција, Мустафа Шентоп, кој престојува во посета на Македонија.
„Претседателот Пендаровски изрази уверување дека со сојузништвото во НАТО двете држави даваат придонес за стабилноста и безбедноста во регионот. Двајцата соговорници изразија очекување за натамошно продлабочување на македонско-турските билатерални односи, во сите сфери од заемен интерес, вклучувајќи ја меѓупарламентарната соработка“, соопштија од Кабинетот на Пендаровски.
На средбата биле разменети мислења и информации и за актуелните состојби во двете држави, вклучително и во контекст на пандемијата од Ковид-19, како и за целокупните состојби во регионот.
Претседателот Пендаровски изразил благодарност за севкупната помош од Турција за справување со пандемијата од Ковид-19, истакнувајќи ја важноста на солидарноста, соработката и меѓусебната поддршка на државите, како важен предуслов за успешно справување со последниците од глобалната пандемија.