Перински: Охрид и Крушево го отвораат новиот циклус на ИПА III проекти за прекугранична соработка помеѓу Македонија и Албанија

пред 58 минути

Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, денес во Охрид го означи почетокот на реализацијата на два нови проекти одобрени во рамките на првиот повик на ИПА III Програмата за прекугранична соработка со Република Албанија.

Настанот започна со воведни обраќања на Перински, Михалис Рокас, амбасадор на Европската Унија, Еридана Чано, генерален директор на Државната агенција за стратешко програмирање и координација на помош во Република Албанија, како и градоначалниците на Општина Охрид и Крушево, Кирил Пецаков и Нико Чонески.

Во рамките на настанот беа потпишани два договори за национално кофинансирање меѓу Министерството за локална самоуправа и носителите на проектите, како и Договорот за партнерство за техничката помош на Програмата за прекугранична соработка со Албанија, во висина од 500.000 евра.

„Овие две нови инвестиции во вкупна вредност од повеќе од 1.6 милиони евра ќе придонесат за создавање одржлив туристички производ, кој ја спојува природата, културата и автентичноста на целиот регион.“, истакна Перински.

Проектот „Волонтери во акција за безбедност на луѓето и заштита на природата“ е во рамките на тематски приоритет 1 – Заштита на животната средина и подигнување на отпорноста на регионот, додека пак проектот „Крушево и Елбасан – патување низ природата и авантурата“ е во рамките на тематски приоритет 2 – Развој на одржлив туризам и заштита на природното и културното наследство.

„Министерството за локална самоуправа, како институција надлежна за спроведување на прекуграничните програми со сите соседни земји, продолжува активно да работи на отворање нови можности за искористување на финансиската поддршка што Европската Унија ја става на располагање за регионален развој, интеграција и соработка“.

Текстот Перински: Охрид и Крушево го отвораат новиот циклус на ИПА III проекти за прекугранична соработка помеѓу Македонија и Албанија е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top