Петкова: Итно да се зголемат платите на сите вработени во градинките за 18,5 проценти

пред 3 години

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата поднесе амандман на Законот за заштита на деца, со кој бараат итно зголемување на бодот на платите за сите вработени во градинките за 18,5%, со што ќе се изврши усогласување на платите со порастот на минималната плата.

„ Нашата цел е подобро и правично законско решение кое ќе важи за сите подеднакво, без исклучок. Нашиот амандман има за цел да ја исправи неправдата која што владата предводена од СДСМ и ДУИ постојано им ја нанесува на вработените во градинките. Власта мора да разбере дека сите вработени во градинките заслужуваат повисоки плати, бидејќи сите вработени претставуваат столб и се носители на образовниот процес на децата. Таму нема помалку или повеќе важни, таму сите се важни за иднината на нашите деца. Токму затоа, сите вработени во градинките заслужуваат еднакво покачување на платите.

Како пратеници од ВМРО – ДПМНЕ нема да дозволиме власта да си поигрува со квалитетот на образовниот процес на најмладите и нема да отстапиме од нашата цел и борба за подобри услови и поголеми плати за сите вработени во градинките. Игнорирајќи ги барањата на вработените во градинките, власта индиректно удира и прави ненадоместлива штета врз децата и квалитетот на нивниот развој и образование. Тоа е недозволиво и мора веднаш да престане“ изјави Ангелинка Петкова, пратеничка на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Од ВМРО-ДПМНЕ ги повикуваат колегите пратеници од мнозинството да го поддржат нивниот амандман и да покажат, како што велат, дека навистина и искрено сакаат подобар живот за сите, а не само за одредена група на луѓе која гравитира околу врхушката на власт.

Share
Scroll to Top