Петровска: Системски да ги решаваме проблемите на граѓаните во Шуто Оризари

пред 3 години

Нов асфалт врз стариот, а нема атмосферска канализација, градење и легализација на куќи без Детален урбанистички план, се само дел од проблемите за кои дискутиравме денеска со граѓаните и граѓанските организации во скопската општина Шуто Оризари, изјави кандидатката за градоначалничка на Скопје, Ана Петровска. До повеќето куќи, рече таа, нема пристап за противпожарно или амбулантно возило.

Според неа, потребен е системски пристап за решавање на проблемите со кои се соочува ромската заедница, а тоа подразбира паралелно решавање на домувањето, проблемот со личните документи на луѓето т.н. фантоми, но и образование и преквалификација за вработување.

„Достоинствен живот може да се обезбеди преку соработка на Градот и општините и Центарот за социјални работи. Социјалната правда не смее да му служи на популизмот, туку да обезбеди еднаков старт и резултат за сите, почнувајќи и водејќи сметка за најранливите граѓани. Градот и државата не треба да заборават дека Шуто Оризари е дел од Скопје. Рамномерен развој е дел од агендата на зелените политики за кои се залагаме. Скопје мора да биде хуман град“, рече Петровска.

Share
Scroll to Top