Пецаков да одговара што не се изолирал додека чекал резултати од тестот за ковид, порача владејачката партија

пред 2 години

Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков додека чекал резултати од тестот за коронавирусот наместо да се изолира, свесно присуствувал на јавен настан, на одбележувањето на православниот празник Водици. Ова е неодговорно, незрело и опасно постапување на Пецаков кој во време на пандемија свесно го загрозува јавното здравје, велат од СДСМ преку соопштение.

„Слично, на почетокот на пандемијата со коронавирусот, се однесуваше и Христијан Мицкоски кој не почитуваше мерки за заштита и свесно кршеше здравствени протоколи. Очигледно дека во ВМРО-ДПМНЕ присутна е една иста матрица – по секоја цена да не се почитуваат законите и протоколите за заштита на јавното здравје.Неколку денови по ред, Пецаков, наместо да понесе морална и лична одговорност, тој бара изговори и се служи со манипулации, само за да ја покрие својата неодговорност. Надлежните институции мора целосно да го расчистат случајот и да постапат согласно законите, а Пецаков да одговара за своите постапки“, велат од СДСМ.

Пецаков вчера изјави дека не се изолирал по тестирањето за Ковид-19 и на Водици и излегол да ја следи манифестацијата оти побарал тест заради патување, а не поради тоа што се чувствува лошо. За „Макфакс“ тој потврди дека добил позитивен тест, но следниот ден го повторил и добил негативен резултат.

„Немав и се уште немам никаков симптом на коронавирус. Ме прашувате зошто не сум се изолирал по тестирањето, тоа е едноставно, јас отидов да се тетсирам оти имавме уплатено зимување Банско од 20 до 23 јануари. Бугарија ги смени правилата за влез и покрај вакцините бараа и ПЦР тест, па затоа го направив тестот. Излезе позитивен и многу ме зачуди, не очекував затоа што немам симптоми, никој дома не е позитивен, па затоа следниот ден направ уште еден тест. Вториот тест излезе негативен, но без разлика на тоа откако го добив решението останав дома, не заминав во Банско“, објасни градоначалникот Пецаков и до „Макфакс“ го испрати негативниот тест.

Здравствените власти велат дека лажно негативен тест е можен, но нема случаи на лажно позитивен тест. Пациентот може да направи колку сака тестови, но за лекарите велат дека е битен позитивниот.

Share
Scroll to Top