Пецаков: Не сме против нов клинички туку против кражба на 400 милиони евра

пред 4 години

ВМРО-ДПМНЕ не е против изградба на клинички центар, вели пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Кирил Пецаков. Неговата партија како што дополни е против мега криминалот кој го подготвува најкорумпираната власт на Заев.

„Власта на Заев после 4 години одлагања и шетања на проектот нов Клинички центар, сака со 30-тина страни физибилити студија да потроши над 500 милиони евра за изградба на клинички центар. Овој проект е безмалку идентичен со тој во Белград и според површината и според бројот на болнички легла и според бројот на болнички соби и операциони сали, Но има една голема разлика. Во Србија ваквиот проект за изградба и опремување чини 125 милиони евра, а кај нас тој е проектиран на над 500 милиони евра“, нагласи Пецаков.

Според Пецаков ако СДСМ сакаше да направи нешто за јавното здравје ќе изградеше како што рече клинички центар за кој имаше и план и целосна финансиска конструкција од страна на претходната власт на ВМРО ДПМНЕ кој ќе чинеше речиси десет пати помалку.

„Тогаш СДСМ велеа дека наместо во објекти ќе работат за приватизација на здравството. Со други зборови да беше ВМРО-ДПМНЕ досега граѓаните ќе имаа современ клинички центар“, смета Пецаков.

Тој додаде дека ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи кражба на векот од оваа како што ја нарече, најкорумпирана власт во Европа, затоа што тие 400 милиони евра се како што рече пари на граѓаните.

„Овие 400 милиони евра не се пари на Заеви или Филипче, ама постои основен сомнеж дека со ваков криминален проект ќе станат. Костадин Костадинов почна самиот себеси да се лаже, кога веќе не можат да ја излажат јавноста“, истакна пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ навраќајќи се на прес конференцијата на Костадинов.

Share
Scroll to Top