„Политико“: Бугарските насилни тактики функционираат во подземјето, но не и во ЕУ

пред 3 години

Бугарските насилни тактики може да функцинираат во решавањето на проблемите во подземјето на Софија, но се чинат како крајно несоодветни на ниво на ЕУ, пишува „Политико“, повикувајќи се на дипломат од Европската Унија.

Во текстот се наведува дека ако Бугарија, изолирана како што е досега, продолжи со својот бекомпромисен став, ќе ја загуби добрата волја на земјите-членки.

„Амбасадорите на земјите-членки на ЕУ во петокот не успеаја да го надминат ќор-сокакот и не ја убедија Бугарија да отстапи. Тоа предизвика зголемување на фрустрациите меѓу европските дипломати, кои велат дека Софија ја задржува мошне важната агенда на ЕУ за проширување со целосно внатрешен проблем, кој треба да биде решен на билатерално ниво со С Македонија“, пишува „Политико“.

Во написот на „Политико“ се додава дека Бугарија ја информирала ЕК оти не може да ја прифати понудената преговарачка рамка за отворање на преговорите со Северна Македонија.

„Тоа ја нарушува целта на германското претседателство со ЕУ за продолжување на процесот на проширување оваа година. Бугарија и С Македонија имаат спор за историјата и јазикот, при што Софија бара од Скопје да признае дека македонската нација и македонскиот јазик имаат бугарски корени, како и да се откаже од тврдењата дека има македонско малцинство во Бугарија“, додава весникот.

Share
Scroll to Top